Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување информира и дека трите манастири кои се наоѓаат во ова подрачје се безбедни и за нив не постои опасност, благодарение на пресеките кои делумно биле направени со контролиран оган
Пожарот кај прилепско Чаниште е најголемиот на територијата на државата оваа година
По повеќечасовна битка со огнената стихија прилепското село Чаниште е безбедно и не постои опасност за него, информира денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Во видеоизјава од самото место, каде и понатаму гори, тој вели дека огнот се движи во насока на мариовското селото Крушевица, во линија која, како што вели Ангелов, е многу долга. Сепак, тој е оптимист дека денеска оваа линија ќе биде изгасната, благодарение на четирите „пинцгауери“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и на нејзините тимови кои се поддршка на пожарникарите од Прилеп.
Тој информира и дека трите манастири кои се наоѓаат во ова подрачје се безбедни и за нив не постои опасност. Тимовите на терен, како што вели Ангелов, ги обезбедиле верските објекти со правење пресеки делумно и со контролиран оган.
Од рано утрово на линијата на пожарот што се движи кон Крушевица дејствува и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, кој полни води од повторно поставен монтажен базен.
Сепак, како што вели директорот на ДЗС, специфичниот терен го отежнува дејствувањето на хеликоптерот и дава спротивен ефект. Поради тоа, се очекува неговата работа да ја преземат „ертракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Употребата на хеликоптер на ова место е тешка бидејќи на некои места тој се елисите го распалува огнот. Иако фрла вода, ефектот е спротивен, затоа повеќе нема да го користам овде хеликоптерот. ‘Ертракторите’ ќе почнат со дејство набргу откако хеликоптерот ќе се тргне“,
вели Ангелов.
Она што е важно во моментот е дека нема опасност по ниту едно село и дека сите пожарникари и лица што учествуваат во гаснењето на пожарот се живи и здрави.
Директорот на ДЗС информира и оти вчера работник со багер ја повредил ногата, и во секој момент очекува информации за каква повреда станува збор.
Дополнителен проблем на противпожарните тимови им прави и ветерот, кој го распламтува огнот и за многу кратко време ја менува ситуацијата не теренот.
„Ветрот којшто, еве, сега дува нè принудува да се повлекуваме. За неколку секунди сè се смени. Од една релативно мирна атмосфера, во овој брз налет на оган, ќе мора да дејствуваме странично“,
вели Ангелов во дел од видеото каде може да се забележи како ветерот го забрзува огнот.
Пожарот кај прилепско Чаниште е најголемиот на територијата на државата оваа година.
„Гори претежно сува трева, грмушки и неквалитетна шума. Сепак, тоа е вегетација и се обидуваме да ја спасиме“,
вели Ангелов, истовремено апелирајќи до граѓаните да внимаваат, оти доволна е една искра за ваква катастрофа.

Во одделно видео, директорот на ДЗС вели дека ангажираните тимови во справувањето со овој пожар ги чека повеќедневна борба, додавајќи дека денеска успеале да совладаат значителен крак од стихијата.
Покрај прилепските пожарникари и трите тима на ДЗС, во борбата со пожарот се вкучени и доброволни пожарникари од Битола, Виница и Кочани.
Инаку, на територијата на државата има уште два активни пожари – кај Студеничани, кој, според Ангелов, повеќе чади отколку што гори и пожарот на територијата на општина Македонски Брод, кој во голема мера е совладан.
