На прашањето што може да го премисли, тој рече дека логично е опозицијата да сака да биде власт затоа што мисли дека може да биде подобра

Доколку опозицијата побара предвремени парламентарни избори од ВМРО-ДПМНЕ во секое време сме подготвени да излеземе и да победиме. Ова е ставот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на тоа дали се подготвуваат предвремени парламентарни избори.
Мицкоски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител ТВ, рече дека неговиот став е познат и оти Владата од граѓаните добила мандат од четири години.
„Мандатот завршува пролетта 2028 година. Сè уште имаме техничка влада. Значи крајот на мандатот на оваа политичка влада би требало да биде некаде околу крајот на 2027 година. Така што отприлика тоа се оние параметри коишто можам јас сега да ги кажам и врз основа на кои добивме доверба од граѓаните“,
рече Мицкоски.
На прашањето што може да го предомисли, тој рече дека логично е опозицијата да сака да биде Влада затоа што мисли дека може да биде подобра.
„Ако опозицијата побара предвремени парламентарни избори, тогаш ние секогаш како Влада сме подготвени да седнеме на лидерска средба, да договориме термин и да одиме на предвремени парламентарни избори. Нема да бегаме, се разбира. Затоа јас велам мандатот наш е за четири години и за толкав период сме добиле поддршка од граѓаните да испорачаме реформи. Но, доколку имаме фрлена ракавица од страна на опозицијата, нормално е. Нема ние кукавички да бегаме од избори“,
додаде тој.
Најавите за предвремени парламентарни избори беа актуелни и пред почетокот на летните одмори, а Мицкоски и тогаш беше на истиот став оти ако бидат предизвикани од опозицијата подготвени се да излезат.
Но, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тогаш рече дека опозицијата нема да му даде алиби на премиерот за распишување предвремени парламентарни избори.
Според Филипче, избори ќе има кога на Владата ќе и снема пари, затоа што, како што рече, тоа е концептот на нивното владеење – кога ќе ги дотрошат сите пари за партиски тендери, тогаш ќе одат на избори.
