Претседателот и потпретседателот на САД, Доналд Трамп и Мајк Пенс, кои воедно се кандидатски двоец на републиканците за претстојните претседателски избори, во два одвоени, но очигледно усогласени настапи, ја обвинија Кина за коронавирусот и ѝ се заканија дека ќе плати висока цена за пандемијата.
„Напредуваме во борбата против оваа страшна болест што ни ја испрати Кина. Кина, која ќе плати висока цена за тоа“,
рече Трамп во обраќањето во Белата куќа наменето за повозрасните граѓани.
TO MY FAVORITE PEOPLE IN THE WORLD! pic.twitter.com/38DbQtUxEu
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) October 8, 2020
Говорејќи за сопственото искуство, тој изрази револт што имало голем број заразени високи функционери во администрацијата и рече дека се надева дека наскоро ќе се најде лек.
„Кина ќе плати голема цена за тоа што ѝ го направија на оваа земја“,
додаде Трамп.
„Кина е виновна за коронавирусот“, рече Пенс, во дебатата со кандидатката за потпретседател на демократите Камала Харис на Си-ен-ен.
„Претседателот Трамп не е среќен поради тоа, тој тоа јасно го кажа. Кина и Светската здравствена организација не беа искрени со американскиот народ“,
рече Пенс.
На ова, Харис му возврати дека Вашингтон уште во јануари знаел за потенцијалната опасност од вирусот, уште додека беше главно ограничен на Кина, но не биле преземени поголеми активности сѐ додека вирусот не пристигнал во САД.
„Можете ли да замислите ако реагиравте на 28 јануари наместо на 13 март? Што направивте за да се подготвите?“ ,
праша Харис и додаде:
„Тие тоа го знаеја и го прикриваа“.
Трамп во мај се закани со трајно замрзнување на финансирањето на Светската здравствена организација доколку таа не покаже „значителни подобрувања“ во рок од 30 дена.
Во писмото до генералниот директор на СЗО, Трамп ги критикуваше, како што ги нарече, погрешните чекори во борбата со пандемијата и ја повика СЗО да покаже независност од Кина.
Кина ја обвини дека ги прикривала вистинските бројки за состојбата со ковид, а СЗО дека ѝ верувала.