Со постапките, и Кина и СЗО заеднички придонеле остатокот од светот да биде изложен на вирусот, со тоа што ја намалувале опасноста од него, смета Рич Ловри, уредник во „Нешенл ривју“ во ставот објавен во магазинот „Политико“
Доколку Кина не ја прикриваше вистинската ситуација и доколку Светската здравствена организација покажеше поголемо внимание кон Пекинг, епидемијата можеби ќе беше поограничена и светот можеби ќе имаше повеќе време да реагира на вирусот. Кина направи непростливи гревови во однос на справувањето, прикривајќи детали за епидемијата и казнувајќи доктори, при што имаше и исчезнувања на новинари кои ја кажуваа вистината, додека СЗО погреши во занемарувањето, односно немаше независност и храброст во клучните моменти.
Вака Рич Ловри, уредник во „Нешенл ривју“, во ставот објавен во магазинот „Политико“, анализира дали нападите од американскиот претседател Доналд Трамп врз Кина и СЗО за последиците од пандемијата на ковид-19 имаат основа или се обид само да се најде жртвено јагне.
Тој заклучува дека со постапките и Кина и СЗО заеднички придонеле остатокот од светот да биде изложен на вирусот, со тоа што ја намалувале опасноста од него.
Грешките на Кина
Во анализата тој посочува дека однесувањето на Кина не е изненадувачко, имајќи ја предвид политиката на земјата во однос на третманот на човековите права, која не е во насока на заштита на граѓаните, туку како да се даде што е можно подобра слика за диктаторскиот режим.
Сепак, како една од најлошите работи што ја направи Кина е воведувањето целосен карантин за покраината Хубеј, додека летовите низ целиот свет продолжија. А вината на СЗО во ова, според Ловри, е што организацијата се изјасни дека не се потребни забрани од поголеми размери за да се победи вирусот.
Грешките на СЗО
Она што всушност се очекувало да биде поинаку е реакцијата на СЗО во духот на нејзината суштинска вредност дека „здравјето на сите народи е фундаментално за постигнување мир и безбедност и зависи од целосната соработка на поединците и државите“.
На 14 јануари СЗО објави дека „прелиминарните истраги“ од кинеските власти не пронајдоа докази за пренесување на коронавирусот од човек на човек, за неколку дена подоцна да соопшти дека постои „ограничен“ пренос од човек на човек, притоа минимизирајќи го откритието како типично за сите респираторни заболувања.
„Тоа значи дека СЗО го одобри наративот на Кина во прикривање на фактите во клучните рани денови“,
забележува Ловри.
Како грешка на СЗО, Ловри го истакнува и фактот што Организацијата одби на 22 јануари ситуацијата да ја прогласи за епидемија, иако имаше потврдени случаи во Тајван, Австралија, Јапонија, Тајланд и Јужна Кореја. А, откако СЗО конечно прогласи вонредна состојба, состојба на пандемија беше прогласена дури на 12 март.
Пропуст на СЗО може да се смета и пофалбата што пристигна од генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, за нивната транспарентност.
„Тим од експерти го поздрави одговорот на Кина по посетата на средината на февруари на Вухан, придонесувајќи во приказната на Пекинг дека успеал да го ограничи вирусот, она во што сите други не успеале. И покрај потврдата дека Кина лажела за бројот на заразени и смртни случаи, и покрај одбивањето на Кина да сподели клучни информации за вирусот, СЗО не ги осуди дејствијата на Кина“.
Во некој подобар свет Тедрос би требало итно да поднесе оставка, смета Ловри, но додава дека ОН не функционираат така и ги посочува шпекулациите дека Тедрос дури размислува да се кандидира за генерален секретар на Светската организација, поради што најверојатно не сака да се замери со Пекинг.
Ловри, исто така, констатира дека Трамп секогаш е наклонет кон тоа да ја префрли вината на друг кога е можно (па дури и кога тоа не е така) и дека никогаш нема да преземе сопствена одговорност за дебаклот што им се случи на САД во однос на тестирањето уште при појавата на првите случаи или да признае дека било погрешно што првично ја минимизирал опасноста од вирусот.
Но, сепак, констатира Ловри во „Политико“, ништо од ова не ја намалува важноста на неговите критики кон Кина и СЗО, кои се во центарот на оваа меѓународна катастрофа и мора да бидат одговорни за тоа.