На премините „Јариње“ и „Брњак“ не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил. Оние кои доаѓаат од централна Србија можат да поминат само преку преминот „Мердара“ и јужно од него. Полицијата е присутна на сите премини во Косовска Митровица и Зубин Поток, а утрово поголемо присуство на полициски екипи, според РТС имало во мултиетничката населба Бошњачка Маала во Северна Митровица
Северот на Косово сè уште е блокиран од граѓаните и полицијата, а затворени и понатаму се граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ меѓу Србија и Косово и преку нив не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил, јавува РТС.

Според српскиот радиодифузен сервис, на барикадите што Србите ги поставија во знак на протест против апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, ноќта помина мирно, но тензично
Повеќе барикади има на местото Рударе, каде што беше поставена и првата блокада од правец на Приштина кон Рашка, се до Леско, односно пунктот „Јариње“.
Поставена е барикада и на патниот правец Митровица-Зубин Поток, кон точката Брњак.
На премините „Јариње“ и „Брњак“ не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил. Оние кои доаѓаат од централна Србија можат да поминат само преку преминот „Мердара“ и јужно од него.
Полицијата е присутна на сите премини во Косовска Митровица и Зубин Поток, а утрово поголемо присуство на полициски екипи, според РТС имало во мултиетничката населба Бошњачка Маала во Северна Митровица.
На барикадите состојбата ја надгледуваат и војници на КФОР, како и припадници на ЕУЛЕКС.
Граѓаните на север почнаа да се собираат и да поставуваат барикади откако вчера беше уапсен Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека официјален Белград ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на Косово.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.
Вучиќ изјави дека Србија го испраќа барањето за распоредување на армијата и полицијата „во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
На изјавата на Вучиќ реагираше косовскиот премиер, Албин Курти, кој на Фејсбук напиша дека Косово не сака конфликт, но на агресијата ќе одговори со сета сила што ја има.
„Тие (Србија н.з.) сакаат двојно враќање во минатото. Прво, враќање во времето на Милошевиќ и војната. Второ, прашањето за Косово да се врати во ОН и што е можно подалеку од ЕУ. Косово е европска, демократска и проамериканска земја. Србија со ова раководство што го има е автократска,проазиска и милитантна. Не сакаме конфликт,сакаме мир и напредок, но на агресијата ќе одговориме со сета моќ што ја имаме“, напиша Курти.
Претходно, претседателката на Косово, Вјоса Османи на прес-конференција соопшти дека по разговорите со политичките партии е донесена одлука вонредните локални избори на северот на Косово, што беа закажани за 18 декември, да се одложат за април 2023 година.
Прашањето за одложување на вонредните локални избори на северот на Косово стана актуелно по серијата инциденти што се случија во северните општини, кога Централната изборна комисија се обиде да започне процедура за нивно организирање.
Изборите треба да се одржат по оставките на претставниците на локалните власти по одлуката на косовската влада за пререгистирање на возилата со српски регистарски таблички во таблички со ознака РКС (Република Косово).