Тензична атмосфера вечерва пред српското Собрание, каде сототици граѓани се собраа да протестираат откако претседателот Александар Вучиќ најави враќање на полицискиот час.
Демонстрантите имаа неколку обиди да упаднат во собраниската зграда, а во еден момент група граѓани успеала да влезе во холот, но полицијата ги исфрли.
Потоа, како што пренесуваат српските медиуми, имаше и други обиди за влез во Собранието.
За да спречи влегување во парламентот и да ја растера толпата од пред влезот, полицијата употреби и солзавци, а во моментов се формираат кордони од полицајци за да ги растераат демонстрантите.
Од друга страна, пак, дел од собраните граѓани фрлаат чаши, камења и факели кон полицијата и им извикуваат „Ние ве плаќаме“, како и пароли против Вучиќ. Има и превртени и запалени контејнери за ѓубре.
Предмалку се огласи и премиерката Ана Брнабиќ, која ја обвини опозицијата, која ги бојкотираше изборите, дека стои зад овие демонстрации.
„Бидејќи не можеа да влезат во Собранието на изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилно лице, обидувајќи се да добијат политички поени во најголемата криза на планетата од Втората светска војна“, вели Брнабиќ во писмената изјава.
Протести и во Нови Сад
Неколку десетици граѓани излегоа на протести и во Нови Сад. Граѓаните се собраа на плоштадот Република по повикот на социјалните мрежи.
Тие прошетаа до Плоштадот Слобода, каде се задржаа кусо време пред градското собрание, а потоа неколкумина отидоа во Градското собрание, каде што залепија налепници на кои пишуваше „лечи се “.
Демонстрантите потоа отидоа до просториите на Српската напредна партија во центарот на градот и исто така залепија налепници на постерите на претседателот на партијата Александар Вучиќ и градоначалникот Милош Вучевиќ.
Во овој град најавен е нов протест и за утре во 18 часот.