На прес-конференција половина час пред полноќ, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски ја обвини власта дека се обидува на шверцерски начин да носи закони, откако опозициските пратеници реагираа околу терминот на вечерашното продолжение на 19 седница.
„Власта сака на мала врата без доволно информации и консултации со јавноста да се изгласа закон со кој што ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50% во гасоводот во Република Македонија и истиот да му се плати по нереално висока цена од 33 милиони евра иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18,8 милиони евра“,
порача Мицевски.
Мицевски рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со долги говори да го блокира Собранието со цел, како што рече да не бидат злоупотребени 33 милиони евра народни пари.
„Се поставува прашањето зошто Владата на Макпетрол сака да му плати екстра 14,2 милиони евра? Зошто Државниот правобранител не сака да даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот? Зошто се оди со закон во Собрание, нешто што никогаш претходно не се случило во историја на Република Македонија? Што е толку криминално што на Владата и Заев им се брза вечерва на шверцерски начин да злоупотребат 33 милиони евра народни пари? Ние нема да се откажеме и со сите сили и мерки да го спречеме носењето на ова штетно законско решение“,
порача Мицевски.
На прес-конференцијата на Мицевски, претходеше тензична атмосфера во Собранието, откако опозицијата реагираше дека не била навремено и уредно известена за продолжението на седницата.
„Шверцерско носење на закони нема да дозволиме, ќе останеме до сабајле ако треба тука. Треба да не информирате кога и како ќе работиме“,
порача Мицевски од собраниската говорница.
Пратеникот Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил објави видео од расправијата меѓу Талат Џафери и Мицевски, по што собранискиот спикер го предупреди Милошоски дека ќе заработи кривична пријава, бидејќи снима неовластено и без дозвола. Милошоски се бранеше дека тоа претставува негово уставно право.
Џафери образложи дека со координаторите на пратеничките групи однапред била договорена динамиката на работа.
Нешто после 23 часот Собранието ја прекина седницата, а расправата ќе продолжи утре во 11 часот. Пратениците треба да ја продолжат расправата по измените на Законот за инвалидски организации, за која се пријавени уште 13 говорници.
