Министерот посочи дека е предвидено да се аплицираат 1 000 вакцини дневно, со што ќе се покријат потребите до 15 ноември, кога се очекува да пристигне втората количина од вакцините против сезонски грип
Министерот за здравство Сашо Клековски очекува на 21 октомври (среда) да почне вакцинацијата против сезонски грип.
Ќе му биде задоволство, како што рече, да биде вакциниран како пациент од ризичната група граѓани.

Посочи дека Комисијата за имунизација денеска одржала состанок и ги одредила приоритетите.
„Во основа 1 000 вакцини дневно, ќе стасаме до 15 ноември кога ќе пристигне втората количина“,
додаде тој.
Според Клековски, и оваа година ќе се применува истата методологија како и во изминатите години. Приоритет ќе имаат лицата над 65 години сместени во установи поради зголемениот ризик од ширење на епидемија, а потоа и другите ризични групи, согласно проценката на Комисијата за имунизација.
Од Министерството за здравство вчера, повикувајќи се на информации од системот „Мој термин“ соопштија дека досега речиси 25 000 граѓани се пријавиле за вакцинација против сезонски грип на интернет-страницата vakcinacija.mk.
Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за ризични групи граѓани – лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од шест месеци до пет години.
