Албанскиот премиер Еди Рама ги осуди насилните протести, ја отфрли идејата за негова оставка и оцени дека зад протестите стојат странски влијанија, тврдејќи дека постојат сили кои не сакаат Албанија да биде стабилна и да продолжи на патот кон Европската Унија
Студентските протести во Албанија денеска влегоа во својот четврти ден. Освен во Тирана, протестите на кои излегоа илјадници студенти и средношколци, се проширија и во неколку други градови. Целта на демонстрациите, кои стануваат сè понасилни, е да го принудат албанскиот премиер Еди Рама да поднесе оставка.

Демонстрациите беа најавени како студентско движење, со кое се бара владата да преземе мерки за да ги олесни високите трошоци во образованието и високите трошоци за живот, а завршија со немири во кои маскирани демонстранти се судрија со полицијата, која, пак, одговори со водни топови, солзавец и палки.
Студентите протестираат поради зголемените трошоци за образование и влошените услови на универзитетските кампуси, а ја обвинуваат власта за корупција и за запоставување на образованието. Тие се револтирани и поради продажбата на недопрени делови од албанскиот брег на Јадранското Море за изградба на луксузен комплекс, проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

На судирите во средата, што траеја неколку часа, десетици демонстранти и полицајци беа повредени, а беа запалени две владини згради и две банки.
Албанскиот премиер Еди Рама ја отфрли можноста за оставка, велејќи дека ќе се справи со легитимните грижи на студентите и граѓаните и дека ќе ја придвижи Албанија напред. Тој ги осуди немирите и оцени дека насилните протести не се вистински одраз на студентскиот бунт. Според него, зад протестите стои истата сила што, како што рече, со години ја држи албанската опозиција под своја контрола. Спомена и странски влијанија, тврдејќи дека постојат сили кои не сакаат Албанија да биде стабилна и да продолжи кон членство во Европската Унија.
„Ова се странски раце кои не сакаат Албанија да биде дел од обединетото европско семејство. Дали мислите дека е случајност што секој пат кога Албанија ќе добие уште едно зелено светло… или ќе се приближи до таа голема амбиција – таа историска цел – одеднаш избувнуваат пламени? Воопшто не е случајност! Ништо не е случајност“,
порача Еди Рама.
Насилните протести ги осуди и Канцеларијата на Европската Унија во Албанија.
