Во периодот од јануари до август годинава се спроведени вкупно 74 838 инспекциски надзори во чии рамки се уништени 69 776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз

Македонските граѓани јадат безбедна храна, но казните за несовесните оператори се премногу ниски и ќе бидат двојно зголемени со новите законски измени што се подготвуваат. Ова денеска го изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, пред почетокот на настанот за Светскиот ден на храната.
Тој информира за интензивните вонредни инспекциски надзори на пазарите, при што вчера биле запленети две тони небезбедна храна, а денеска уште дополнителни шест тони.
„Ниту една држава не може да каже дека јаде 100 проценти безбедна храна, но најважно е да има редовни и вонредни инспекции. Безбедноста на храната е најважна. Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме“,
посочи Миланов.
Во врска со вонредните контроли на месните и млечните производи што се спроведуваа во текот на летото, Миланов појасни дека лабораториските анализи од прва, втора и трета мостра потврдиле дека се работи за безбедни и квалитетни домашни производи.
Проблемот што бил констатиран кај некои производители се однесувал на неправилно декларирање и ситни технички отстапувања како имало повеќе вода или масленост од наведеното, што не значи дека храната е небезбедна.
Прашан за вратените пратки со македонско овошје и зеленчук од земјите во регионот – Хрватска, Бугарија, Србија, директорот Миланов потенцираше дека сите домашни анализи биле сосема во ред и со негативни наоди.
„Чудно е зошто ги враќаат, но секоја држава си го штити својот пазар и производство. Веќе одржавме средби на високо институционално ниво и со стопанските комори и договорено е да бидеме значително поригорозни и во увозот и во извозот. Во изминатите две години вративме над 650 тони храна од увоз“,
истакна тој.
Миланов упати и апел до сите граѓани при купувањето внимателно да го проверуваат рокот на употреба, декларациите, нутритивната табела и органолептичките својства на производите.
Тој денеска информираше и дека во периодот од јануари до август годинава се спроведени вкупно 74 838 инспекциски надзори во чии рамки се уништени 69 776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз.
Според податоците, во истиот период е спречен увоз на 21 105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, додека во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122 602 килограми храна од животинско потекло.
Во овие осум месеци, преку Одделението за заштита на потрошувачите, граѓаните и фирмите поднеле над илјада иницијативи за спроведување инспекциски надзор, при што најголем дел од нив биле од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
„Безбедната храна е основа за здравјето на граѓаните, довербата на потрошувачите и одржливиот развој на прехранбениот сектор. Нашата цел не е само да реагираме кога ќе се утврдат неправилности, туку и преку превентивни активности, едукација и соработка со сите чинители да придонесеме кон повисоко ниво на безбедност на храната“,
порача директорот Миланов.
Миланов нагласи дека АХВ континуирано спроведува контроли во домашниот промет и при увозот, но и соработува со Министерството за земјоделство, Платежната агенција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и другите надлежни институции. Според него, безбедноста на храната бара интегриран ланец на контрола – од примарното производство, преку преработката и дистрибуцијата, сè до крајниот потрошувач.
