Трет ден се трага по 29-годишниот маж кој исчезна во водите на вештачкото езеро Глажња, а во потрагата се вклучуваат и осум нуркачи од армиските специјалци „Волци“, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Поради тешкиот терен за пребарување, многу косиот брег и голема длабочина која започнува веднаш по влегувањето во водата, а на петнаесетина метри оддалеченост од брегот достигнува 40 метри, трет ден се ангажирани десет нуркачи од САЕ ‘Тигар’ кои се обучени да нуркаат до 40 метри длабочина“,
вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Како што наведе Ангелов, тим за спасување на Дирекцијата за заштита и спасување од Велес врши површинска потрага по брегот на езерото, а екипи на СВР Куманово го обезбедуваат местото на несреќата.
„Во текот на денешната потрага повторно е употребен подводен дрон на здружението ‘Еко Турист’ – Охрид, со кој се пребарува езерското дно, а неколку можни места се бележени и потоа се пребаруваат од нуркачите на ‘Тигрите’“,
додаде Ангелов.
Исчезнувањето на лицето во водите на езерото во Центарот за управување со кризи (ЦУК) било пријавено пред два дена околу 13:50 часот, по што случајот бил пријавен во Секторот за внатрешни работи Куманово. За физичко обезбедување на местото биле ангажирани полициски службеници од полициската станица „Матејче“, а преку кумановската полиција била повикана нуркачка екипа на МВР.