Вонредна состојба е прогласена во Централна Евија каде што невремето прави проблеми, особено во областа на планината Дирфис. Во регионот Фтиотида во Централна Грција во тек е справувањето со мразот на патиштата, а за тоа се користи тешка механизација
Грчкиот регион Пелопонез, особено делот кај Атика е погоден од т. н. студен временски фронт „Барбара“, проследен со силни снежни врнежи. Невремето почна синоќа и сè уште трае, што го отежна и поморскиот сообраќај, а редовните линии на бродовите се во прекин на пристаништата Пиреја, Рафина и Лаврио.
Полицијата денеска напладне го забрани сообраќајот во некои предградија на Атина. Во префектурата Атика сообраќајната полиција апелираше возачите задолжително да користат зимска опрема за своите возила, а на автопатиштата е забрането движење за тешки товарни возила.
Државните институции со свои екипи се постојано на терен. Полицијата, противпожарните бригади, вооружените сили, цивилната заштита, како и регионалните и градските власти поставија патроли за да им помагаат на граѓаните каде што има потреба за тоа.
Вонредна состојба е прогласена во Централна Евија каде што невремето прави проблеми, особено во областа на планината Дирфис. Во регионот Фтиотида во Централна Грција во тек е справувањето со мразот на патиштата, а за тоа се користи тешка механизација.
„Изминатата ноќ беше интензивна поради мразот, но временските феномени стануваат сè поинтензивни од рано утрово“,
изјави за АНА-МПА заменик-регионалниот директор Елиас Санидас.
Најавено е дека училиштата и градинките во Атика ќе бидат затворени во следните неколку дена.