„Кога беа во опозиција најавуваа една милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Тие ветувања денеска се покажаа како една голема лага. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не презема сериозни мерки, туку дополнително ги намалува средствата за борба против загадувањето на воздухот за 51%, а во буџетот за 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно“, вели потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова

Од опозицискиот СДСМ денеска побараат власта да преземе мерки против загадениот воздух велејќи дека таа борба е долг процес кој бара континуирана посветеност, стратешки и конкретни мерки од власта и институциите за намалување на загадувањето.
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова обвини дека шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт ништо сериозно не се презема, а граѓаните се оставени сами на себе.
„Скопје, главниот град на нашата држава, повторно е на листата на најзагадени градови во светот. Според извештаите на УНИЦЕФ, граѓаните на Скопје, Тетово, Куманово и Велес дишат загаден воздух повеќе од три месеци. Светската банка, пак, алармира дека загадувањето годишно убива 2 800 наши сограѓани. Овие податоци се алармантни и бараат нужна институционална акција која досега изостанува. Каде се ветувањата на Мицкоски и ВМОР-ДПМНЕ? Кога беа во опозиција најавуваа една милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Тие ветувања денеска се покажаа како една голема лага. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не презема сериозни мерки, туку дополнително ги намалува средствата за борба против загадувањето на воздухот за 51%, а во буџетот за 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно“,
вели Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ.
Од партијата сметаат дека Владата мора веднаш да ги ревидира своите политики и да преземе сериозни чекори за справување со загадувањето.
„Секој ден одложување значи уште повеќе загрозени животи на нашите сограѓани. За споредба, Владата на СДСМ преземаше низа на мерки во борба против загадувањето на воздухот. Почнувајќи од стратешките инвестиции во гасификацијата, проектите за еколошки јавен транспорт, конкретни мерки за финансирање на замена на нееколошки системи во домаќинството, јавните установи, градинки, училишта, мониторинг системи и така натаму. Овие мерки и политики дадоа резултат и затоа требаше да бидат продолжени и надградени. Фактите говорат дека просечните годишни концентрации на најкритичната загадувачка честичка PM10 и PM 2.5 во последните пет години (2020-2024) се намалија како резултат на успешно преземените мерки и инвестиции и тоа е евидентно од податоците на државниот мониторинг-систем. Овие резултати го потврдуваат успехот на нашите мерки и посветеноста кон решавањето на овој проблем, истите се јавно објавени и достапни за секој граѓанин“,
смета Шукова.
Откако ги наброја мерките што ги преземала владата предводена од СДСМ, Шукова рече дека борбата со загадувањето мора да биде постојана и потенцираше дека финансиската програма за тоа не е предвидена со буџетот за 2025 година.
„Ова е разликата помеѓу вистинската посветеност и добро осмислените политики кои носат резултати, што не е случај со ДПМНЕ кои покажуваат голема неспособноста да се справат со проблемите во животната средина. СДСМ останува посветена на подобрувањето на животната средина и здравјето на граѓаните, силно ќе се бориме против погрешните политики на власта, но и со одржливи предлог решенија. Сепак, одговорноста е во власта и мора да покаже волја да ги промени политиките и да почне да работи за намалување на загадениот воздух преку продолжување на процесот кој го започна и успешно го реализираше СДСМ“,
рече таа.
На прес-конференцијата на СДСМ реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според нив СДСМ за седум години не успеала ниту еден процент да го намали загадувањето.
„Нивните прес-конференции каде што критикуваат за загадувањето на воздухот, се крајно лицемерни. СДС со нивниот криминален партнер ДУИ, наместо да се занимаваа со намалување на загадувањето на воздухот, тие гледаа како повеќе да го наполнат својот џеб. За разлика од нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку конкретни чекори ќе се бори против загадувањето на воздухот. Некои од мерките се субвенции за инвертер клими, финансиска поддршка за еколошки технологии, пошумување и забрзана гасификација, како и иновативни решенија за одржлива иднина. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните и работи во нивен интерес“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.