Брисел одбил да ги исплати очекуваните 6,4 милиони евра предвидени во Реформската агенда за носење на нов Закон за судскиот совет затоа што власта побрза да го донесе пред текстот да добие зелено светло од Европската комисија. Од ЕК сметаат дека одредени препораки од Оценската мисија на ЕУ од 2023 година не се земени во предвид при носењето на новиот закон во декември 2025 година
Премиерот Христијан Мицкоски денеска индиректно ги призна пропустите. Најави дека повторно ќе се прават измени на законот, кој патем беше усвоен пред точно четири месеци
План за раст – тоа е името на програмата со која Европската унија одлучи приближувањето на Западниот Балкан да го прави наместо со стап, со морков.
За земјава, морковот се 750 милиони евра, ако властите ги исполнат ветените реформи.

Имаме одлични резултати, знаејќи ја динамиката од претходниот период…
изјави вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали.
Колку Владата мисли дека исполнила, а колку од тоа Брисел ќе брои како исполнето, се две различни работи. Таквите оценки, а со тоа и исплатите, доаѓаат периодично – согласно договорените крајни рокови за одредена реформска активност.
Во тој контекст, еврокомесарката за проширување Марта Кос ги предупреди сите земји од Западен Балкан – дека се на пат да изгубат 700 милиони евра поради спорите реформи.
Македонија, во моментов, ризикува да изгуби десетици милиони евра.
„Има десет чекори кои треба да се исполнат до јуни, кои се во грејс-периодот. Требаше да бидат исполнети во јуни минатата година… Ако рокот истече и не се исполнат, парите ќе бидат изгубени.“
изјави Михалис Рокас, амабасадор на ЕУ во земјава.
Најмалку една ланска задача што земјава си ја брои за исполнета е на пат да не добие зелено светло од Брисел. Друга, пак, од годинава, наликува на обид да се измами системот.
Увертира
И пратениците броеја ситно до Нова година, кога на 29 декември ја одржаа последната седница за минатата, 2025 година.
На дневниот ред на пленарката со реден број 79 беше и Законот за судски совет. Опозицијата веќе најави дека ќе го поддржи, бидејќи станува збор за дел од Реформската агенда согласно Планот за раст. Но, пратеничката Соња Мираковска од НСДП не пропушти да ги каже своите резерви.

Прво, не одговара нити на сите забелешки на Венецијанската комисија каде што беа влезени на оценка два други, две варијанти и не бевме ни сигурни, што е тоа што на кој текст всушност Венецијанска комисија дала оценка. Исто така имаше несогласувања и со препораките кои ги даде Оценската мисија.
изјави пратеничката Соња Мираковска од НСДП, на 29.12.2025 година.
Опозицијата поднесе 13 амандмани, од кои власта прифати дел. Не беше прифатено нивното барање – да има и јавна дебата.
Мнозинството остана на ставот дека законот е во согласност со барањата на Брисел.

Овде, со ваквото законско решение, не водиме битка помеѓу власта и опозицијата, туку меѓу старите навики и европските стандарди. Овој закон не е против судството, туку напротив за судството и за нормално функционирање во оваа област и најважно од се, ваквите законски измени произлегуваат пред се од препораките на Оценската мисија на Европската Унија.
изјави пратеничката Драгана Арсова од ВМРО-ДПМНЕ, на 29.12.2025 година.
Од оние што гласаа, никој не беше против.
Од вкупно 88 пратеници, гласаа 74 пратеника, од кои 73 гласаа „за“, нема против и еден пратеник е воздржан.
преброја претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Меѓу тие што гласа „за“ беа и пратеници на опозицијата.
Прво оп, па скок
Законот кој го усвоија пратениците на 29-ти, Владата го испратила до Собранието 20 дена претходно – на 9 декември. Заедно со него, имаше и придружно мислење дека предлогот е во согласност и со Препораките од Извештајот на оценската мисија на Европската Унија и со мислењето на Венецијанската комисија.

Зошто се толку важни и датумите и постојаното споменувањето на Венецијанската комисија и Оценската мисија? Ако говориме без задршки, одговорот е – поради парите. Еве кои и колку пари.
Наградата за носењето на нов Закон за Судскиот совет, во согласност со „Оценската мисија“ за функционирањето на Судскиот совет од септември 2023 година и мислењето на Венецијанската комисија, е 6,4 милиони евра.Така пишува во табелите што се дел од т.н. Реформска агенда – документ во кој Владата се обврза дека ќе спроведе задачи, а Брисел дека ќе наградува по принципот остварено – исплатено.
„Значи, тие реформи не се поврзани ниту со Грција, ниту со Бугарија, се поврзани со нас. Ако тие реформи ги реализираме, секоја година Македонија ќе добива по околу 250 милиони евра директна субвенција во буџетот како подарок од Европската Унија како грант и тоа е нешто што мораме да го направиме затоа што тие реформи се добри и за нас. Да не зборувам колку ќе значат тие средства директно во буџетот.“
изјави вицепремиерот Александар Николоски во гостување на ТВ „Сител“ во јуни 2024 година.
Во конкретниот случај, новиот Закон за судскиот совет требаше да се донесе до јуни 2025 година, согласно Реформската агенда. Бидејќи има грејс-период од 12 месеци, не беше прекршен ниту еден рок со тоа што законот беше усвоен на крајот на декември. Но, и покрај тоа, повеќе независни извори говорат дека е речиси извесно Брисел да не ја исплати ветената награда.

Ивана Петковска со години ја следи и работата на Судскиот совет и состојбите во правосудството воопшто. Одлично и се познати и препораките на Оценската мисија и мислењето на Венецијанската комисија, а учествуваше и во работната група за подготовка на Законот за Судски совет.
Од она што го имаме како податок е дека Министерството за правда во исто време го има пратено законот на мислење до Европската унија, односно Европската Комисија, и до Собранието, со тоа што Собранието веќе го има изгласано законот пред Европската комисија да даде свое мислење
вели Ивана Петковска, правна експертка.
А, мислењето на Брисел, пак, говорат упатени извори, е дека донесениот закон не е целосно во согласност со препораките на Оценската мисија од 2023 година, односно тимот експерти кои ја скенираа работата на Судскиот совет по тогашната серија скандали.

Од она што ние го знаеме е дека станува збор за забелешки коишто се однесуваат на дел од постапката за одговорност на претседателот на Судскиот совет и за избори на членови на Судскиот совет коишто се бираат од редот на Собранието. Така што, не знаеме за кои точно конкретни забелешки станува збор, меѓутоа она што го имаме како неофицијален податок е дека забелешките на Европската комисија се во тој дел, согласно препораките на Оценската мисија.
вели Петковска.
Ваквата ситуација можеби и ќе се избегнеше, доколку се следеше договорената процедура. Затоа, прашавме во Министерството за правда:
Зошто Министерството за правда не го испрати нацрт-законот на разгледување и мислење до Европската комисија, пред текстот да биде усвоен на Влада и да биде испратен до Собранието на РСМ?
Одговорот сугерира дека, дури откако Законот за Судски совет беше усвоен, Владата утврдила формална постапка за такво нешто.
Согласно насоките на Европската комисија и заклучокот на Владата усвоен на 17.2.2026 г., предлог-законите од Реформската агенда, откако ќе бидат утврдени на седница на Влада, се доставуваат до Собрание, како и на разгледување и мислење во Европската комисија, со прилог – коресподентни табели доколку има.
ни одговорија од Министерството за правда.
На истото прашање, од Министерството за европски прашања, ни одговорија дека надлежно за законите од областа на правосудството е Министерството за правда.
На крај, денеска премиерот Христијан Мицкоски призна дека неодамна донесениот закон повторно ќе се менува.

„Петтиот индикатор и покрај тоа што мина законот за судски совет има одредени лесни забелешки коишто мислам дека се прифатливи и тие многу скоро ќе се најдат пред пратениците за усвојување. Не е ништо суштинско, но е во рамките на барањата на ЕК.“
изјави премиерот Христијан Мицкоски, на денешната седница на Собранието за пратенички прашања.
Еден за надвор, друг за по дома…
Но, ова не е единствениот закон од областа на правосудството кој земјава си зеде обврска дека ќе го донесе, а кој може да не помине во Брисел.
Веќе се во Собрание и измените на Законот за јавното обвинителство. Проблемот тука е што текстот кој доби зелено светло пред Венецијанската комисија, како што предвидува и Реформската агенда, не е истиот кој треба да го гласаат пратениците.

Во детали, кога Владата го прати предлог-законот за јавното обвинителство на мислење во Венецијанската комисија во август 2025 година, во членот 105 пишуваше:
„Врз основа на фискалната политика и главните категории за проценетите приходи и расходи, висината на средствата за работа на јавното обвинителство изнесува најмалку 0,5% oд Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година.“
пропишува членот 105, став 2 од Законот за јавно обвинителство кое Македонија го испратила до Венецијанската комисија.
Во превод, тоа е загарантиран буџет од 33,7 милиони евра.

“Венецијанската комисија го поздравува… фиксниот минимум од буџетот доделен на Јавното обвинителство и предложеното зголемување“
заклучува Венецијанската комисија во својот коментар за делот од предлог-законот за Јавното обвинителство кој се однесува на буџетот.
Венецијанската комисија го усвои мислењето во октомври 2025 година.
Но, кога предлог-законот за Јавното обвинителство стигна во Собранието на почетокот на февруари 2026 година, членот 105 стана 106.
Уште поважно, се смени текстот за сумата која му се гарантира на обвинителството.

Врз основа на фискалната политика и главните категории за проценетите приходи и расходи, висината на средствата за работа на јавното обвинителство изнесува најмалку 0,4% од даночните приходи на Република Северна Македонија за тековната година, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства и не се влијае врз средствата планирани за сите буџетски расходни ставки.
пропишува членот 106, став 2, од Законот за јавното обвинителство кое Владата го достави до Собранието.
Или, со други зборови, од гарантираните 33,7 милиони евра, Владата го спушти обвинителството на 13,9 милиони евра годишен буџет – ако со тоа не се нарушува праведната распределба.

Па, прашавме во министерството за правда – по чија интервенција е сменет членот од законот со кој буџетот на јавното обвинителство се менува од загарантирани 0,5% од буџетот на 0,4% од даночните приходи? Ни одговорија – предлог законот за јавно обвинителство е усогласен со мислењата на секретаријат за законодавство и министерството за финансии.
Поставивме и други прашања. Еве го одговорот на најважното – зошто пред пратениците се наоѓа текст чии одредби се разликуваат од оние кои беа испратени на мислење до Венецијанската комисија?
Предлог Законот за јавно обвинителство беше утврден од страна на Владата на Република Северна Македонија на 31.12.2025 година… На 30.3.2026 година, (заедно со Законот за Советот на јавните обвинители н.з.) беа доставени на разгледување и мислење во Европската комисија заедно со преглед на усогласеност со препораките на Венецијанската комисија. По добивање на мислењето од страна на Европската комисија ќе се утврдат следните чекори.
ни одговорија од Министерството за правда.
Кога кон крајот на март се обративме до Делегацијата на ЕУ во Скопје – како ќе го бројат евентуалното носење на новиот Закон за јавното обвинителство во верзија која не поминала пред Венецијанската комисија, оттаму одговорија.

Европската комисија штотуку го доби на проценка нацрт-законот за Јавното обвинителство од властите и ќе ги достави своите коментари навремено. Во овој контекст, постоењето на силни законски гаранции за буџетските распределби ќе биде важен аспект на анализата, бидејќи соодветните ресурси за обвинителството и судството се клучен елемент за гарантирање на нивната ефикасност и независност.
одговорија за „360 степени“ од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Паричната награда која Македонија ја ризикува со Законот за јавното обвинителство е 6,4 милиони евра.
Ваквиот пристап којшто го има државата остава впечаток дека ние реформската агенда не ја сфаќаме толку суштински и не ја сфаќаме како мотив за навистина да имаме реформи и подобрување на судството. Туку, повторно ја гледаме како некоја листа којашто само ќе ја чекираме и ќе кажеме дали сме исполниле или не сме исполиле одредена активност, а реалната слика и во праксата ќе покаже дека навистина немаме реформи, дека тоа е само на хартија.
вели правната експертка Ивана Петковска.
Најновиот извештај за исполнетото, а со тоа и за неисполнетото, се очекува секој ден.
