Од ЗНАМ оценуваат дека пратеникот од нивните редови подолг период политички и вредносно се оддалечил од принципите, определбите и визијата на партијата. Во оваа смисла, посочија дека за човек кој јавно се залагал за внесување на Бугарите во Уставот природно е што повеќе не се препознава во политиките на ЗНАМ
Одлуката на Миле Цеков да ја напушти пратеничката група на ЗНАМ и да дејствува како независен пратеник не е изненадување – коментираат од движењето За наша Македонија оценувајќи дека пратеникот од нивните редови подолг период политички и вредносно се оддалечил од принципите, определбите и визијата на партијата.

Од ЗНАМ оценуваат дека за човек кој јавно се залагал за внесување на Бугарите во Уставот природно е што повеќе не се препознава во политиките на движењето За наша Македонија.
„Движењето ЗНАМ е создадено врз јасни принципи кои се темелат на чесност, одговорност, заштита на македонските национални интереси и борба за достоинствена и суверена Македонија. Тоа не се вредности од кои отстапуваме зависно од политичкиот момент, личните амбиции или дневнополитичките пресметки. Оттука, неговите обиди да се претставува како симбол на принципиелност, а притоа претходно да застапува позиции спротивни на државните и националните црвени линии, се крајно несериозни и неубедливи пред граѓаните“,
коментираат од партијата која е дел од парламентарното мнозинство.
Оттаму додаваат дека причините за одлуката на пратеникот Цеков се лично негови, а дека текот на времето ќе покаже дали зад неговата одлука се кријат политички калкулации, клиентелизам или нешто друго. Му посакаа успех на Цеков во неговото натамошно дејствување како независен пратеник во парламентот.
Пратеникот Миле Цеков денеска објави дека ги напушта движењето ЗНАМ и владејачкото мнозинство и дека отсега во Собранието ќе дејствува како независен пратеник. Рече дека негова одлука произлегува од состојбите во државата поврзани со корупцијата, селективната правда и нефункционалноста на институциите, како и од социјално-економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
