На обраќањето на Мицкоски во Собранието, односно на неговиот одговор на прашањата на својот сопартиец Бојан Стојаноски, преку писмено соопштение реагираа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, од каде што велат дека премиерот се однесува како „безобразен уличар“ и „шеф на криминална организација“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница кажа дека го загрижува здравствената состојба на поединци во актуелното раководство на опозицискиот СДСМ и оти можеби треба да се бара лекарско уверение за пристап во органите на одредени политички партии.

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на прашање на пратеникот од партијата што ја предводи – ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој од собраниската говорница го праша премиерот за економската политика на Владата, реформската агенда и изјавата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, за кои, како што кажа народниот избраник, од опозициската партија секојдневно стигнуваат критики на сметка на Владата.
„Изјавите и прес-конференциите што доаѓаат од СДСМ се збунувачки и на моменти чудни. Немаат цел да ја кажат вистината, туку да направат што поголема сензација со растурање пердуви и невистини надевајќи се дека на тој начин ќе остане сегашното раководство по следните парламентарни избори, кога ќе доживеат тежок пораз“,
рече Мицкоски.
Според претседателот на Владата, раководството на СДСМ не нуди конструктивна дебата, туку прави внатрешна мобилизација за да остане во живот на следните парламентарни избори кога ќе имаат поголем пораз од 2024 година.
„Тоа го прават преку лажење, па кој поверува, поверува“,
рече Мицкоски.
Тој наведе примери кои, според него, покажуваат дека СДСМ ја лаже јавноста. Рече дека опозиционерите ширеле паника оти буџетот е празен и ќе нема пари за плати и пензии, дека се зголемени долгот и буџетскиот дефицит и државата ќе банкротира.
„Не само што не банкротира, туку според сите параметри таа е држава за пример во регионот“,
изјави Мицкоски.
Како што рече тој, невистинити се покажале тврдењата на СДСМ дека во април ќе се доселат мигранти во согласност со стратешкиот договорот со Велика Британија, дека поради ИПАРД земјоделците се блокирани, невистина за која демант дошол од Европската комисија во Брисел, исто како што и евроизвестителот Томас Вајц истиот ден ги демантирал обвинувањата од СДСМ дека државата не прави ништо на патот кон Европската Унија.
„Тоа говори за длабоката психолошка состојба во која се наоѓаат. Кога ќе видите какви пораки праќаат и што зборуваат, загрижен сум за здравствената состојба на поединци во актуелното раководство на СДСМ. Јавноста е сведок на кампања и речник што не ѝ прилега на политичката сцена во Македонија“,
рече Мицкоски додавајќи дека можеби треба да се бара лекарско уверение и за оние политичари кои не извршуваат високи функции, а се дел од раководството на одредени политички партии.
Премиерот рече дека ја предупредува македонската јавност дека во периодот што следува обраќањата од партиската говорница на СДСМ ќе бидат само со една цел – по поразот на следните избори, да останат и да најдат некакво алиби дека изборниот процес не бил фер.
„И да не ве зачуди ако воопшто и не учествуваат на тие избори, како што сега ја напуштаат комисијата за Изборниот законик. Можеби ќе кажат дека ќе нема фер избори, иако техничката влада ќе важи за следните избори. Но ќе ризикуваат да ги изгубат сите можности што им се нудат. Ако одлучиле така да се однесуваат, ние не може да им помогнеме, ние сме фокусирани на граѓаните“,
кажа Мицкоски.
На обраќањето на Мицкоски во Собранието, односно на неговиот одговор на прашањата на својот сопартиец Бојан Стојаноски, преку писмено соопштение реагираа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, од каде што велат дека премиерот се однесува како „безобразен уличар“ и „шеф на криминална организација“.
Според СДСМ, Мицкоски наместо да зборува за проблемите на граѓаните, тој „излегува со ниски, уличарски провокации и ‘загриженост’ за здравствената состојба на дел од раководството на СДСМ“.
„Ние не сме загрижени за неговото здравје. Ние сме загрижени за здравјето на државата кое тој и неговата банда систематски го уништуваат. Мицкоски е човекот кој граѓаните ги нарекува ‘талог на општеството’, ‘медиокритети’ и ‘мочуриште’. Ова е речник на уличар кој од функцијата претседател на влада се однесува како шеф на мафија, безобразно, примитивно“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Оттаму му порачуваат на премиерот да се грижи за својата совест бидејќи граѓаните јасно гледаат кој е вистинскиот проблем во државата.
„Доста е повеќе од неговите ниски провокации и лични напади. Срамота е за еден премиер да се однесува вака, но од предводник на криминална организација и се очекува да биде токму таков, без срам и без граници“,
велат од СДСМ.
