Изјавите во кои се зборува за оцена дека земјата нема напредок во реформите, како што вели тој, се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба
Според него, Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во изјава за телевизија Канал 5 вели дека интервјуто дадено за бугарска телевизија е снимено пред повеќе од седум недели и дека не е јасно зошто е објавено дури сега.

Според него, изјавите во кои се зборува за оцена дека земјата нема напредок во реформите се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба.
„Интервјуто е од пред повеќе од седум недели и ја покажува процената за моментумот на почетокот на март“,
вели тој.
Вајц додава и дека е изненаден што интервјуто е објавено токму пред неколку дена.
„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Бев малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“,
кажа Вајц во интервју за Канал 5.
Според него, Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни.
Во интервјуто за Канал 5, кое ќе биде објавено во текот на утрешниот ден, Вајц зборува за извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, но и за амандманот кој тој самиот го поднесе за да се направи јасна дистинкција дали протоколот потпишан со Бугарија е дел од преговарачката рамка на земјава.
Европратеникот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во изјава дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Тој повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, Владата мора да ги спроведе реформите.
Премиерот Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не знае кој извештај од известувачот Томас Вајц го читаат новинарите бидејќи извештајот што тој го има слушнато е комплетен антипод од поставените прашања.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), пак, рекоа дека изјавата на Вајц е она за што предупредувале месеци наназад. Велат дека ризикот од неспроведувањето на реформската агенда е губење европски пари, за кои европратеникот рече дека наместо во Македонија, ќе одат кај други земји.
Лидерот на партијата Венко Филипче вчера реагираше на изјавите на премиерот во врска со извештајот на европратеникот и известувач за С Македонија, Томас Вајц.
„Сега, според Мицкоски, излегува дека и Вајц и медиумите лажат. Наскоро и Вајц може да очекува црна кампања преку Орбановите медиуми, а можеби ќе почне и да го навредува, како што Вучиќ го нарекува Тонино Пицула кога не му се допаѓа извештајот на ЕУ“,
напиша Филипче на Икс.
Според него, реториката на власта е насочена кон сите кои не се потчинуваат на нивните наративи и тога, како што вели, Мицкоски користи термини како „медиокритети“, „талог на општеството“, „мочуриште“.
Филипче додава дека ваквиот пристап е „класика“ која јавноста ја познава и вели дека доаѓа времето на вистината.
