„Наскоро и Вајц може да очекува црна кампања преку Орбановите медиуми, а можеби ќе почне и да го навредува“, пишува лидерот на СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со извештајот на европратеникот и известувач за С Македонија, Томас Вајц.
Во својата реакција објавена на Икс, Филипче го проблематизира ставот на Мицкоски, кој претходно изјави дека медиумите читале извештај кој е „комплетен антипод“ од поставените прашања.
„Сега, според Мицкоски, излегува дека и Вајц и медиумите лажат. Наскоро и Вајц може да очекува црна кампања преку Орбановите медиуми, а можеби ќе почне и да го навредува, како што Вучиќ го нарекува Тонино Пицула кога не му се допаѓа извештајот на ЕУ“,
пишува Филипче.
Мицкоски им вели на медиумите дека не знае кој извештај на Вајц го читале и дека станува збор за „комплетен антипод“.
— Venko Filipce (@VFilipche) April 27, 2026
Сега, според Мицкоски, испаѓа дека и Вајц и медиумите лажат?
Наскоро и Вајц може да очекува црна кампања преку Орбановите медиуми, можеби ќе почне и да го… pic.twitter.com/q69frRPAcM
Лидерот на опозицијата вели дека ова е веќе видена тактика за пресметка со неистомислениците.
Според него, реториката на власта е насочена кон сите кои не се потчинуваат на нивните наративи и тога, како што вели, Мицкоски користи термини како „медиокритети“, „талог на општеството“, „мочуриште“.
Филипче додава дека ваквиот пристап е „класика“ која јавноста ја познава и вели дека доаѓа времето на вистината.
Претходно денеска од СДСМ рекоа дека изјавата на Вајц дека во последната година земјава нема постигнато никаков напредок во спроведувањето на реформите е она за што предупредувале месеци наназад.
Од СДСМ велат дека ризикот од неспроведувањето на реформската агенда е губење европски пари, за кои европратеникот рече дека наместо во Македонија, ќе одат кај други земји.
Премиерот Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не знае кој извештај од известувачот Томас Вајц од читаат новинарите бидејќи извештајот што тој го има слушнато е комплетен антипод од поставените прашања.
Европратеникот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во изјава дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Тој повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, владата мора да ги спроведе реформите.
