Нашите ставови се различни од неговите, повторуваме дека македонските јазик и идентитет не се тема на разговор, порачаа социјалдемократите
Владејачкиот СДСМ денеска излезе со изјава дека ставовите на партијата за надминување на спорот со Бугарија се различни од тие што ги изнесе лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, во неговиот предлог-акциски план за подобрување на односите помеѓу двете држави.
„Нашите ставови се различни од изнесените ставови на господниот Георгиевски. СДСМ останува на своите јасни и веќе кажани ставови околу ова прашање. Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговара на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со којшто ние апсолутно немаме никакви допирни точки“,
изјави денеска пратеничката од СДСМ, Марија Георгиевска.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно обвини дека лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, преку Љубчо Георгиевски пушта пробен балон во јавноста и оти на тој начин ја негира посебноста на македонските јазик и нација.
Предлогот кој вчера го објави експремиерот е од пет точки, во кои меѓудругото пишува вез многу објаснувања да се усогласат 10-15 историски настани и да се одбележуваат заеднички; да се направи нова специјална комисија само за прогонот и убиствата на Македонците со бугарска национална свест; да се пополнат биографиите на важните личности како што Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров кои биле учители на бугарската егзархија, што според него, не е мала работа која се крие итн. Во однос на јазикот, пак, Георгиевски даде предлог со кој, вели, дека може конечно да се затвори ова прашање.