Ројтерс јавува дека се слушаат пукотници во близина на штабот на армијата во центарот на градот, а нивниот репортер видел топови и оклопни возила на улиците и слушнал оган од тешко оружје
Пукање и експлозии се слушаат во суданската престолнина Картум по неколкудневната тензија меѓу озлогласените паравоени сили во земјата и армијата на земјата, пишува Би-би-си, а конфликтот настанал поради предложената транзиција кон цивилно владеење.
Ројтерс јавува дека се слушаат пукотници во близина на штабот на армијата во центарот на градот, а нивниот репортер видел топови и оклопни возила на улиците и слушнал оган од тешко оружје. Паравоените сили за брза поддршка (РСФ) соопштија дека ја презеле контролата врз аеродромот, резиденцијата на началникот на армијата и претседателската палата.
Овие тврдења не се потврдени.
Претходно РСФ објави дека бил нападнат еден од нивните кампови во јужниот дел на Картум. Од друга страна, суданската армија соопшти дека борците на РСФ се обидуваат да го заземат воениот штаб.
„Борците од Силите за брза поддршка нападнаа неколку воени кампови во Картум и на други места низ Судан. Судирите се во тек и армијата ја извршува својата должност да ја заштити земјата“,
новинската агенција АФП го цитираше портпаролот на бригадата Набил Абдалах.
Пукање и на северот од земјата
Новинската агенција Ројтерс, исто така, повикувајќи се на изјави на сведоци, јавува дека имало пукање во северниот град Мероу. Телевизијата Аларабија објави снимки од чад што се издига од воен камп таму, јавува Ројтерс. Генералите ја водат земјата, преку она што се нарекува Суверен совет, од пучот во октомври 2021 година.
РСФ е под команда на потпретседателот на Советот, генерал Мохамед Хамдан Дагал. Во меѓувреме, армијата ја предводи генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој го предводи Суверениот совет. Според предложената транзиција кон цивилна влада, РСФ ќе биде интегрирана во суданската армија. РСФ сакаше да го одложи тоа за 10 години, но армијата рече дека тоа треба да се случи за две години.
تدمير مقر قيادة قوات الدعم السريع المتمردة
— يوميات المارشال (@proudSud) April 15, 2023
النصر لنا – حسم المعركة #تمرد_اولاد_دقلو pic.twitter.com/Kk26vxvJTE
Западот повикува на мир
Западните сили и регионалните лидери ги повикаа двете страни да ги намалат тензиите и да се вратат на разговорите насочени кон враќање на цивилното владеење. На Твитер американскиот амбасадор Џон Годфри рече:
„Итно ги повикувам високите воени лидери да ги прекинат борбите“.
Опишувајќи ја ситуацијата во градот, тој рече дека се разбудил од длабоко вознемирувачките звуци на пукотници и борби.
„Во моментов се засолнувам со тимот на амбасадата, како што тоа го прават Суданците низ Картум и на други места“,
рече Годфри.
Руската амбасада исто така соопшти дека е загрижена поради „ескалацијата на насилството“ и повика на прекин на огнот, пренесува Ројтерс.
Со државниот удар во 2021 година заврши периодот од повеќе од две години кога воените и цивилните лидери ја поделија власта. Овој договор беше постигнат откако долгогодишниот авторитарен судански претседател Омар ал Башир беше соборен од власт. По државниот удар во Картум редовно се одржуваат продемократски протести.
Фото: Твитер