Покрај за евроинтеграцијата на Северна Македонија, Пендаровски и Борел разговарале и за регионалните прашања од кои во моментов најактуелно е дијалогот помеѓу Белград и Приштина од кои нова рунда преговори ќе се одржи утре во Охрид. Тоа што земјава ќе биде домаќин на утрешното продолжување на дијалогот, за Пендаровски е признание за постигнатото во изминатиот период и се разбира како поттик на домашните политички сили да продолжат со реформите

Процесот на приближување на Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ) е со задоволително ниво, оцени денеска претседателот Стево Пендаровски по средбата што ја имаа во Вила Водно со високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
Иако скринингот е техничка фаза, рече претседателот, Брисел смета дека нашите одговори на сите поставени прашања се на висококвалитетно ниво.
„Формално, господинот Борел денеска е тука за состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се случува по првпат во Скопје, што е уште еден знак или потврда дека процесот на наше приближување кон Европската Унија се одвива со задоволително темпо во оваа фаза, иако станува збор пред сè за техничка фаза и за скенирање на состојбите во виталните области, сепак проценките од Брисел се дека нашите одговори во однос на сите поставени прашања и дилеми во оваа фаза се на висококвалитетно ниво, што не би требало да изненадува со оглед дека ние се подготвувавме за преговорите седумнаесет години, и сме еден од најдобро подготвените кандидати за преговори со Европската Унија“,
рече Пендаровски.
Борел посочи дека го информирал претседателот за резултатите од денешниот Совет за стабилизација и асоцијација, но уште еднаш упати порака и дека реформите мора да се спроведат.
„Ја ценам Вашата улога, господине претседател, Вашата силна улога и јасна поддршка за реформите потребни за приближување на Северна Македонија кон членството во Европската Унија. Оваа реформа треба да се договори и спроведе за доброто на Северна Македонија. Не само на европскиот пат, туку со цел да се изгради пожива демократија и попросперитетна економија“,
рече Борел.
Покрај за евроинтеграцијата на Северна Македонија, Пендаровски и Борел разговарале и за регионалните прашања од кои во моментов најактуелно е дијалогот помеѓу Белград и Приштина од кои нова рунда преговори ќе се одржи утре во Охрид, каде ќе бидат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Тоа што земјава ќе биде домаќин на утрешното продолжување на дијалогот, за Пендаровски е признание за постигнатото во изминатиот период и се разбира како поттик на домашните политички сили да продолжат со реформите.
„За нас е исклучително значајно тоа што оваа важна работна сесија од преговорите се одвива во нашата земја, поточно во Охрид, бидејќи тоа и господинот Борел го спомена, можеби и ќе го повтори, тоа е знак дека Република Северна Македонија направи тешки компромиси во меѓувреме, покажа нетипично балканско однесување и изминативе години функционира како вистинска мултиетничка демократија, што е реткост и во пошироки рамки. Ова го доживуваме како признание за постигнатото во изминатиот период и се разбира како поттик на домашните политички сили да продолжат со реформите, со европските реформи, за што е можно побрзо да станеме полноправна и формална членка на ЕУ“,
рече Пендаровски.
Борел, пак, се заблагодари за можноста преговорите утре да се одржат во Охрид.
„Сакам да Ви се заблагодарам, сакам да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија, што го обезбедивте местото за оваа важна средба, како и за Вашата севкупна поддршка за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Се надевам дека прекрасниот пејзаж на Охрид ќе создаде убава атмосфера, неопходна за постигнување договор“,
рече Борел.
Тој накратко кажа и до каде се преговорите и што очекува од Охрид каде рече дека оди со надеж дека ќе се соочам со уникатна можност за Косово и Србија да се придвижат напред и да постигнат напредок, да ги нормализираат нивните односи.