Протестите беа предизвикани од смртта на 22-годишната Маша Амини, која почина во притвор на иранската полиција поради морал, а беше приведена затоа што не носеше правилно хиџаб – шамија што секоја Иранка мора да ја носи над главата во согласност со многу строгиот кодекс на облекување на земјата
Членките на Европската Унија денеска се согласија да воведат санкции за Иран поради насилното задушување на масовните протести во оваа исламска теократска земја, соопштија денеска дипломатски извори во Брисел, пренесе Блумберг.
Протестите беа предизвикани од смртта на 22-годишната Маша Амини, која почина во притвор на иранската полиција поради морал, а беше приведена затоа што не носеше правилно хиџаб – шамија што секоја Иранка мора да ја носи над главата во согласност со многу строгиот кодекс на облекување на земјата.
Политичкиот договор за санкции што го постигнаа амбасадорите на 27 земји од Европската Унија мора да го потврдат и министрите за надворешни работи на тие земји кои ќе се сретнат следниот понеделник во Луксембург, соопштија истите дипломатски извори.
Организацијата за човекови права во Иран (ИЧП) денеска објави дека најмалку 201 лице, меѓу кои 23 деца, биле убиени во протестите низ Иран.
Оваа група, со седиште во Осло, предупреди дека најверојатно има повеќе мртви во „крвавата пресметка“ на властите со демонстрантите кои протестираат поради смртта на 22-годишната Амини.
Организацијата соопшти дека 108 луѓе биле убиени во протестите во изминатите три недели, пренесува Радио Слободна Европа.