Бугарскиот експремиер Бојко Борисов вчеравечер беше приведен од страна на полицијата, како и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и владината портпаролка Севдалина Арнаудова, поради злоупотреби во користењето на европските фондови и средства
Пред зградата на бугарската влада утрово се одржа мирен протест за поддршка на лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов, кој синоќа беше приведен од бугарската полиција, пренесува бугарската телевизија Нова.
Симпатизерите на ГЕРБ, но и пратениците од пратеничката група на оваа партија, за време на мирниот протест побарале предвремени избори во Бугарија, оставка на владата, но главното барање им е итно ослободување на Бојко Борисов од притвор.
Локалните медиуми забележаа дека ова е прв протест на партијата откако е во опозиција. Сообраќајот во реонот на бугарската влада е блокиран, а има и зголемено полициско обезбедување.
Бугарскиот експремиер Бојко Борисов вчеравечер беше приведен од страна на полицијата, заедно со поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и владината портпаролка Севдалина Арнаудова, поради злоупотреби во користењето на европските фондови и средства.
Случајот го следи европското обвинителство кое, пак, треба да го извести бугарското во рок од 24 часа по започнување на истражните активности.
Порано денеска и бугарскиот премиер Кирил Петков во видеопорака на социјалните мрежи порача „никој не е над законот“ и ги повика институциите непристрасно да си ја вршат работата.