Ова е трет, од серијата тематски протести што ги најави опозициската партија, а прв за Гоце Делчев
Членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, како и раководството на партијата, го започнаа најавениот антивладин протест.
“За ЕУ, за Македонија, за Гоце Делчев”, пишува на големиот транспарент кој се наоѓа на почетокот на маршот.
Набрзо откако демонстрантите го извадија транспарентот пред Министерството за правда дојде и Христијан Мицкоски со другите партиски функционери.
Пред неговото појавување, на збирното место зачука и тапан. Еден од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ дојде со тапан, скандирајќи “Македонија”, и им се приклучи на другите демонстранти.

Кога на толпата се приклучи Мицкоски, демонстрантите почнаа да ја пеат и „Едно име имаме“ и да скандираат ВМРО-ДПМНЕ, како и името на Мицкоски, „Излези момче право на тераса“ и „Никогаш Северна само Македонија“…
Маршот, преку мостот „Гоце Делчев“, треба да заврши пред Министерството за надворешни работи. Дел од демонстрантите носат маици со ликот на Гоце Делчев, како и транспаренти на кои пишива: „Стани Гоце те продадоа“, „Ние сме држава – не територија“, „Делчев е црвената линија“, „Делчев е Македонија“, „Гоце не е Вице“…
Знамињата на ВМРО-ДПМНЕ, сонцето од Вергина и државното знаме, исто така, се дел од реквизитите.
Овој протест доаѓа во период кога се очекува рестартирање на експертските комисии со Грција и Бугарија кои се формирани согласно Преспанскиот и Договорот за добрососедство, нешто што го најавија од кабинетот на новиот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Работата на комсиите досега беше во застој поради ковид-кризата и предвремените парламентарни избори, а едно од прашањата околу кои претходно се судрија македонските и бугарските историчари беше токму Гоце Делчев.

Ова е трет, од серијата тематски протести кои ги најави опозициската партија, а прв за Гоце Делчев. Во најавата за денешниот протест и повикот за масовност, Мицкоски порача дека Гоце Делчев не треба да биде предмет на никакви преговори и разговори. Делчев, посочи партискиот лидер, е дел од нашата историја и е столбот на современата македонска држава.
Кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го најави протестот, неговиот политички опонент Зоран Заев, пак, порача дека Делчев е борец за социјална правда, а Мицкоски е бранител на криминал и неправда и дека „тие двајца никако не одат заедно“.
Претходната недела ВМРО-ДПМНЕ организираше два протести кои беа против поскапувањето на струјата. Едниот беше протестен марш на 9 септември кој започна исто така од пред Министерството за правда, а заврши пред просториите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Тогаш, Мицкоски настапи со три барања: враќање на старата цена на струјата, викенд без ДДВ и професионален состав на Регулаторната комисија.
Два дена подоцна (на 11 септември), пак, со автомобили и пеш на еден час опозициската партија го блокираше сообраќајот во центарот на Скопје односно улиците кои водат кон просториите на РКЕ.