Пожарот во двата магацини за камиони избувна утринава околу 4:30, а полицијата ги предупреди жителите на Хамбург дека кон централното градско подрачје се шири силен чад. Жителите на населбата Ротенбургсорт, која се наоѓа во североисточниот дел на градот, добиле препорака да не ги отвораат прозорците и вратите бидејќи постои опасност од контакт со гасови и хемиски соединенија кои биле испуштени во воздухот.
Според информациите на германските медиуми, на местото на пожарот истекува опасна материја – водород сулфид. Пожарникарите кои учествуваат во гаснењето на пожарот тешко се справуваат со огнот бидејќи во околината повремено одекнуваат детонации. Претставници на противпожарната бригада првично не можеа да дадат никакви информации што го предизвикало големиот пожар во текот на ноќта или што точно имало во запалените магацини.
Германскиот железнички оператор „Дојче бан“ најави дека поради пожарот мора да бидат затворени шините меѓу Хамбург и Бухен.