Во акцијата се извршени претреси на 12 локации во Скопје и се одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка, рамка за снајперска пушка, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек, радиоврски, официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина електронски уреди, мобилни телефони, како и поголема сума на денарски и девизни парични средства
Пет лица се приведени во вчерашната акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во чии рамки е сузбиена криминална група од Скопје, инволвирана во вршење кривични дела од областа на тероризмот и недозволената трговија со оружје.

Во рамките на акцијата се извршени претреси кај шест лица, на вкупно 12 локации во Скопје, односно во Чаир, селата Сингелиќ и Брест, при што се одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка, рамка за снајперска пушка, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек, радиоврски, официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина електронски уреди, мобилни телефони, како и поголема сума на денарски и девизни парични средства. Утврдено е и неовластено користење на струја.
„Станува збор за верско-радикална групација надоврзана на транснационални криминални организации, која се поврзува со дела на насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија на наркотици, трговија со оружје, и останати криминогени активности. Исламско-радикалниот елемент е одлика која е заемна кај повеќето членови на групата – истите се идеолошки следбеници на радикални имами кои се поддржувачи и прокламатори на меѓународни терористички организации. Дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот“,
соопштија од Агенцијата за национална безбедност.
Според МВР, 34-годишниот К. И. бил поврзан со огранок на терористичката организација ИСИС, со цел извршување на кривични дела на територија на земјава. Како припадник на ИСИС вршел индоктринација на млади лица и ширел екстремистичка пропаганда, а заедно со Б. А. (24) и Е. С. (30) учествувал во неовластено поседување и трговија со оружје и муниција. Против тројцата е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК – против К. И. за тероризам и недозволена трговија со оружје, а против Б. А. и Е. С. за недозволено оружје и муниција.
ОЈО ГОКК покрена истрага против лицата и предложи да им биде одреден 30-дневен притвор.
