На 3 март в недела очекува и Социјалдемократскиот сојуз да ја формализира својата поддршка за неговата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и другите десетина политички партии од таа коалиција
Претседателот Стево Пендаровски денеска на прес-конференција ја објави својата кандидатура за втор мандат. Рече дека ја најавува својата граѓанска кандидатура за претседател на државата и ги повика сите граѓани од 3 март, недела, да му дадат поддршка со давање потписи во подрачните единици на Државната изборна комисија.

Им се заблагодари на сите оние што, како што рече, изминативе денови јавно му дале поддршка за номинација за вториот мандат.
„Поддршка добив од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои ме познаваат и поголем број кои лично не ме познаваат. Ја користам оваа можност да им се заблагодарам за довербата што ја имаат кон мене и за поддршката која ми ја даваат“,
рече тој.
На 3 март, в недела, очекува и Социјалдемократскиот сојуз да ја формализира својата поддршка за неговата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и другите десетина политички партии од таа коалиција.
„В недела ќе присуствувам на конгресот на СДСМ да им се заблагодарам за поддршката, а од понеделник ќе имам средба со десетина политички партии од таа коалиција, кои најавија поддршка за мојата кандидатура, од кои ќе сакам да слушнам предлози, кои би можел да ги вградам во мојата изборна програма“,
најави Пендаровски
Потоа, Пендаровски рече дека сака накусо да ги претстави причините за неговата кандидатура.
„Првата и главна причина е во тоа што зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка, без ниту една корупциска афера и без ниту еден случај на непотизам или судир на интереси поврзани со мене, моето семејство, моите роднини и пријатели или најблиските соработници. Бев национален координатор и ги предводен преговорите за членство на Македонија во НАТО. Во мојот прв мандат станавме членки на Алијансата, очекувам во мојот втор мандат да станеме членки на Европската Унија“
изјави актуелниот претседател.
Како втора причина ги наведе политиките во сферата на меѓуетничките односи кои, според него, биле и ќе бидат столб на внатрешната стабилност и кохезија на македонското општество.
„Јас сум Македонец, но не постои ниту еден единствен случај во изминативе пет години кога моето етничко потекло било причина некого да фаворизам или деградирам. Структурата на моите соработници во кабинетот, но и сите именувања кои ги направив согласно моите надлежности, се потврда за ова што го зборувам“
рече шефот на државата.
Наведувајќи ја третата причина, рече дека таа е поврзана со втората, во насока дека изминатите години покажал дека претседателот може да биде независен од кои било центри на политичка или на економска моќ во државата, вклучително и од оние кои го поддржале на избори.
„Во нашава држава не постои човек или партија која може да каже дека ме контролира или ги диригира моите одлуки“,
вели тој.

Шефот на државата потоа рече дека накусо ќе ги претстави неговите ставови во однос на, како што рече, двата столба на македонката независност, стабилност и просперитет и договорите поврзани со нив, како и за меѓуетничките односи и евроатлантските интеграции.
„Постојат кандидати кои се залагаат или најавуваат ревизија или поништување на Рамковниот и Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Рамковниот договор ја исполни својата историска улога и ја засили, а не ја поткопа внатрешната кохезија на Македонија. Најмногу и заради него станавме држава кандидат за членство во Европската Унија. Преспанскиот договор го овозможи нашиот влез во НАТО , што е огромна придобивка од аспект на безбедноста на државата и го потврди постоењето на Македонците и на македонскиот јазик на глобално ниво. Договорот со Бугарија не беше спорен цели три години, но истиот тој договор, со истата таа содржина стана проблем кога Бугарија под притисок на својата стара комунистичко-националистичка гарда почна да измислува причини за блокада кои во самиот договор ги нема. Тезите дека некој ќе ја промени преговарачката рамка со Европската Унија и ќе направи подобар договор со Бугарија се политичка фатаморгана. Најновата идеја е дека договорот со Бугарија ќе го почитуваат, но во замена ќе бараат Софија да го промени нивниот Устав и придружните закони. Ако некој успее да го направи тоа, ќе бидат првиот кој јавно ќе му честита. Се плашам дека станува збор за барање за оправдување за реалната блокада на нашите евроинтеграции кои ја прават за кревање на својот партиски рејтинг“,
рече Пендаровски.
Според него, првпат во македонската историја, после 1999 година, ќе имаме најголема бројка на кандидати за претседател во прв круг, односно како што рече можно е да имаме дури седум кандидати во првиот круг.
На прашањето дали ги очекува албанските гласови доколку влезе во вториот круг на претседателските избори, Пендаровски рече дека ги очекува гласовите од сите етнички заедници, како што тоа се случило и во 2014 година.
„Во 2014 година на врвот на автократијата на Груевски, во време кога ДУИ во Влада со ВМРО-ДПМНЕ имаше официјален став дека нема консензуален кандидат, јас имав 35 илјади албански гласа. Поинаку и не можам да ја замислам улогата претседател на сите. Затоа за победник на овие избори е нужно да бидете поддржани и преку партиски и преку етнички линии. Практично да добиете широка граѓанска поддршка, што е мојот концепт од првиот ден“,
изјави тој.
Рече дека со сите претседателски кандидати има коректен однос.
За неговиот став за избор за претседател во Собранието, Пендаровски рече дека далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и во однос на економските центри на моќ кога сте избирани на општи избори отколку кога сте избирани на парламент.
„Знаете дека во неколку наврати бев во директна колизија со ставовите на тогашната владејачка партија. Ако бев избран во парламент, дури и со квалификувано мнозинство, ќе бев сменет истото пладне. На Македонија и е потребна една независна институција која може да биде баланс, не само според надлежностите, туку и според она што јавно го изјавува. Мора да постои една морална вертикала која дури и на оние што го предложиле и го гласале ќе им каже – до тука“,
вели актуелниот претседател.
Рече дека не сака да шпекулира каква ќе биде волјата на граѓаните, но дека ова што го кажал ќе биде додадена вредност на она кој бил тој и пред 2019 и пред 2014 година.
„Се кандидирам не само за да учествувам на изборите, туку да победам“,
рече Пендаровски.