Како што пишуваат српските медиуми, барикадата на „Мердаре“, која ја поставија група граѓани за поддршка на уапсените Срби, по нивното ослободување вчера, е отстранета
Србите во Косово почнаа да ги отстрануваат барикадите од административниот премин „Мердарe“ од правец Куршумлија кон Подуево.
Како што пишуваат српските медиуми, барикадата на „Мердаре“, што ја поставија група граѓани за поддршка на уапсените Срби, по нивното ослободување вчера, е отстранета.
Патници во автомобили, како и дваесетина камиони веќе чекаат на српска страна за да влезат во Косово.
Вчера по средбата на претседателот на Србија со претставниците на Србите од Косово беше донесена одлука за отстранување на барикадите.
Претседателот Вучиќ по разговорот со Србите од Косово изјави дека имале разговор кој бил сè само не лесен.
„Од утре претпладне почнува отстранувањето на барикадите, тоа не може да се направи за два часа. Дали за 24 или за 48 часа барикадите ќе се отстранат, но недовербата не е отстранета. Мораме да разговараме и да се обидеме да ја вратиме довербата. Никогаш не сме виделе поорганизиран отпор на српскиот народ“,
рече Вучиќ синоќа.
Тој изјави дека имале тешки разговори, но дека биле многу искрени.
Граничниот премин „Мердаре“ беше затворен од косовската полиција на 27 декември, откако група Срби во Србија со камион со приколка и трактори го блокираа патниот истап до границата.
Утрово, пак, српските медиуми информираа дека синоќа изгореле кабините на два камиона кои го блокираат влезот во Северна Митровица од правец на Дудин Крш.
Камионите биле поставени на барикада на патот што води од Јужна Митровица до Техничкото училиште.