Причината за ваквиот потег, како што соопшти ексзаменик-претседателот на Беса Арјанит Хоџа, е опозициската соработка меѓу лидирот на партијата и актуелен градоначалник на Тетово Билал Касами, првиот човек на Алтернатива Африм Гаши и поранешниот функционер на ДУИ Изет Меџит
По оградувањето и напуштањето на Движењето БЕСА, сега веќе поранешниот заменик-претседател на партијата Арјанит Хоџа заедно со пратеникот во Собранието, Бастри Бајрами, и уште неколку членови велат дека од денеска ќе функционираат како посебна политичка формација.
Причината е опозициската соработка меѓу лидирот на Движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши, и поранешниот функционер на ДУИ, Изет Меџити.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти ексзаменик-претседателот на Беса, Арјанит Хоџа, истакнувајќи дека формирањето нова политичка формација е всушност најава за нова политичка партија.
„Денеска отвораме ново поглавје и кога велам дека ќе формираме нова политичка формација, тоа е всушност е најава за политичка партија. Од денеска ги отвораме вратите за сите други, кои не биле дел од некоја политичка структура и нормално во зависност од тоа како луѓето ни се придружуваат, ќе го приспособиме и времето кога ќе се појави (партијата). Но, тоа е сериозна најава за формирање политичка партија која ќе биде многу сериозен фактор на сцената во Македонија“,
рече Хоџа.
Хоџа додаде дека како политичка формација ќе работат со полн обем и јасна политичка артикулација со дефинирани цели и јасна визија за иднината на граѓаните и државата, која се наоѓа во многу деликатна ситуација.
„Имајќи предвид дека земјата се наоѓа во многу деликатна ситуација во која се одлучува за европската иднина, ќе се однесуваме со внимание, сериозност и посветеност да придонесеме преку нашиот преставник во Собрание (Бастри Бајрами н.з.) за што поскоро да се случат уставните измени и да се пристапи кон отворање на патот за преговорите за членство во ЕУ“,
вели Хоџа.
Според Хоџа, по 20 години апсолутна власт на сите нивоа Изет Меџити со својата политичка формација има најмалку право да биде обединувач на опозицијата во албанскиот блок и да кажува како треба да се дејствува во иднина.
Одговарајќи на новинарско прашање дали како политичка формација ќе соработуваат со т.н. европски фронт на чело со ДУИ и Алијанса за Албанците, Хоџа кажа дека досега немало таква од овие политички субјекти, но, како што додаде, се подготвени да придонесат за забрзување на евроинтегративниот пат на земјата.