Османи порача дека секој граѓанин на Република Бугарија, и на која било друга држава, е добредојден во Северна Македонија, но нагласи дека секој мора да се однесува со почит кон нашата држава и кон македонскиот народ
На 4 февруари, кога се поклонуваме пред гробот на Гоце Делчев, се поклонуваме пред неговото визионерство за културен натпревар меѓу народите. Повикувам на достоинствено и мирно чествување на денот кога оддаваме почит на неговиот идеал за напредни општества и за градење цивилизациски вредности, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во своето обраќање до јавноста по повод одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Тој посочи дека секој граѓанин на Република Бугарија, и на која било друга држава, е добредојден во Северна Македонија, но нагласи дека секој мора да се однесува со почит кон нашата држава и кон македонскиот народ.
„Да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување. Ние сме држава која има европска перспектива. Со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, сме пример во светот. Ве повикувам да опстоиме на тие наши вредности“,
потенцира Османи.
Шефот на дипломатијата им порача на граѓаните да не дозволат да потклекнат под провокации за да се заштитат интересите на државата.
„Да не дозволиме провокатори и киднапери да ни ја киднапираат европската иднина или да го влошат имиџот што го изградивме како држава. Ова е во интерес на сите граѓани и на заедничкиот напредок“,
рече Османи.
Претходно и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку својот фејсбук-профил упати апел за смиреност до граѓаните во пресрет на одбележувањето на 151- годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Тој им порача на граѓаните што ќе бидат присутни на утрешното чествување во црквата „Св. Спас“ да не подлегнуваат на евентуални провокации од кои било политички субјекти.