Организаторите на протестот на семејствата на осудените за случајот „Монструм“, кој на периоди беше и насилен, во моментов разговараат со полицијата. Бараат полицијата да си замине, за да си заминат и преостанатите демонстранти.
Во моментов на Бит-пазар е мирно. И полицијата и дел од демонстрантите, кои до пред малку ја напаѓаа полицијата, се на своите „позиции“. Полицијата го прекина обидот да ги разбие, кој следуваше откако една група почна да фрла камења и други предмети. Преостанатите демонстрантите, пак, престанаа да се пресметуваат со полицијата.
Иако протестот на терен не е завршен, формално не е така. Пред околу еден час беше прогласен крај, откако и пратеници од опозициските партии Алтернатива и Алијанса за Албанците ги смируваа насобраните. Сепак, додека најголем дел од присутните на протестот си заминаа, останаа групи млади лица кои сакаа да се пресметуваат со полицијата.
Протестот требаше да се одвива низ центарот на Скопје, почнувајќи од Чаир, до Кривичниот суд, па Собранието и Владата. Но, полицијата ги запре демонстрантите кај ТЦ „Мавровка“. Првично, демонстрантите ѝ дадоа 10 минути на полицијата да им дозволи да го продолжат патот. Откако тоа не се случи, имаше повремени обиди да се пробие полицискиот кордон само од мал ден од демонстрантите, пред сѐ млади лица. Редарите, а потоа и политичарите, постојано се обидуваа да спречат насилство.