Голема прашина крена годинешното учество на земјава на Евровизија во Ротердам, Холандија, прво околу спорот на евровизиската песна „Here I stand“, а потоа и околу бугарскиот пасош што го поседува нашиот претставник Васил Гарванлиев. На интернет е покрената и онлајн-петиција и се собираат потписи со кои ќе се побара Гарванлиев да не нè претставува на музичкиот натпревар.
„Поради серијата скандали, Гарванлиев е национален срам“,
пишува во петицијата на која досега се потпишале над 2 600 лица.

Од друга страна, пејачот денеска се огласи преку видео во кое објаснува како добил бугарски пасош, но и нагласува дека тоа не е забрането во нашата држава. Тој се извинува доколку повредил нечии чувства.
„Роден во Струмица 1984 година. Во 1997 година мојата фамилија одлучи да се преселиме заедно во Чикаго каде што живеевме неколку години. Нѐ депортираа од Чикаго, и кога се вративме јас бев малолетен, фамилијата одлучи да направи неколку чекори за безбедност и за иднина и за сите нас. Мојата баба, мајка на татко ми, е родена во село надвор од Петрич, што ни овозможи да добиеме бугарски пасоши, кој го имам веќе 20-ина година. Во нашата држава Македонија двојно државјанство е дозволено. Имам живеено 10 години во Торонто, 8 во Чикаго, 1 во Милано и 1 во Лондон, неколку со куфер патувајќи, имам застанато на светските сцени во Париз, Амстердам, Цирих, Њујорк, Чикаго, Торонто, листата продолжува. За мене најважно и најгордо нешто беше тоа што првата реченица во мојата биографија низ цел свет беше ’Македонскиот баритон Васил Гавранлиев ја започна својата кариера на 7 години во својата родена земја‘“,
вели Гарванлиев.
Тој во видеото додава дека знае каква е одговорноста да бидеш претставник на „олимпијадата за пеење“ и оти едвај чека со душа да запее на евровизиската сцена и да вибрира во црвено-жолта боја.
Реакциите околу неговиот бугарски пасош ги предизвика едно негово ланско интервју, дадено пред манифестацијата да биде одложена поради пандемијата, а во кое тој кажува дека покрај македонско, поседува и бугарско државјанство.
Освен двојното државјанство, револт предизвика и телевизискиот спот, дело на позната уметница Жанета Вангели. Во него, според интерпретациите во јавноста, се појавуваат бои со кои се алудира на бугарското знаме, иако во спотот зелената, црвената и белата боја се поставени вертикално, додека на официјалното знаме на Бугарија тие се во хоризонтала.

Од тие причини, беше отстранет кадарот каде што се гледа делото на Вангели.
„Иако со евровизискиот спот имав желба да прикажам ништо друго, освен музика и уметност, навистина ми е жал поради погрешната интерпретација на делото на нашата позната уметница Жанета Вангели. Никој инволвиран во реализација на видеозаписот ниту, пак, претставници од наведената институција намерно не интервенирале во уметничката постановка на Националната галерија ‘Даут-пашин амам’, за што и од самата галерија се изјаснија дека делото на ваков начин е изложено повеќе години. За да нема дополнителни негативни импликации и погрешен приказ на ова уметничко дело, одлучивме да ги отстраниме кадрите што се однесуваат на него“,
се огласи Гарванлиев по промената на спотот.
Спотот тој го спомена и во денешното обраќање и се извини ако има повредено некого.
„Во моментот кога дознав дека луѓе се погодени и по грешка е сфатено тоа дело во музејот, направив чекор, спотот беше сменет. Интервјуто што циркулира викендов е дадено пред една година. Во музика нема политика, нема раса, нема боја, има љубов, човештво, енергија. Ако некој е повреден од тоа што јас го направив ненамерно, многу случајно, се извинувам од сесрце. Не се извинувам за тоа што сум јас, но ако имам повредено некој, кои и да сте, простете ми“,
вели Гарванлиев.