Зошто забраната за работа на станицата е издадена веднаш по несреќата во Бугарија, а не три и пол месеци претходно кога бил изготвен таков предлог од надлежните служби? И покрај неколкуте наши обиди да добиеме објаснување од МВР, до денеска овој владин ресор не одговори на ниту едно прашање на „360 степени“ поврзано со темата
Основното јавно обвинителство Скопје истражува зошто во МВР повеќе од три месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот што изгоре во Бугарија.
Министерот Оливер Спасовски и неговиот кабинет и натаму молчат – зошто станицата е затворена веднаш по трагедијата во Бугарија, иако пропустите во работата биле откриени многу порано.

По сторијата на „360 степени“, одговори побараа и дел од партиите.
„Поддржување министер кој три месеци во фиока го чува предметот за затворање на станицата за технички преглед, во која бил регистриран и кобниот автобус на „Беса Транс“,
порача Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската дебата за избор на новата Влада.

„Спасовски мора да каже зошто дозволил оваа станица да работи уште три и пол месеци по констатираните неправилности и до кога мислел да дозволи да работи?“
праша Зулфи Адили од Алијанса за Албанците.
Дали и зошто се тактизирало?
За едно возило да може да учествува во сообраќајот мора да помине низ процесот на технички преглед, осигурување, регистрација… Вакви услуги до неодамна нудеше и компанијатата „Виа Комерц – Џемаљ“ во скопско Глумово.
Тука, во октомври, последна контрола минал и автобусот на „Беса транс“, кој изгоре во Бугарија на крајот на ноември при што загинаа 45 лица. Три дена по трагедијата, без да биде информирана јавноста, Спасовски привремено ја ставил компанијата под клуч.
Пред четири дена, станицата се уште беше затворена.

Она што е проблематично во целиот случај е тајмингот и околностите во кои е издадена забраната за работа. Како што претходно објави „360 степени“, решението е потпишано од министерот Оливер Спасовски на 26 ноември 2021 година. Но, пропустите во работењето биле откриени од МВР три и пол месеци претходно, уште во август истата година.
Според записникот од надлежните служби во МВР, контролата е направена на 12 август, а на 25 истиот месец, е изготвено предлог-решение за привремена забрана за работа.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, од засега необјаснети причини, тогаш не го потпишал решението, па станицата продолжила да работи. Во меѓувреме, на 5 октомври, тука на преглед поминал и автобусот на „Беса транс“ кој изгоре на автопат во Бугарија. Три дена по трагедијата, Спасовски без да ја информира јавноста, ја потпишува забраната за работа, која стапува на сила на 6 декември.

Во решението за забрана за работа, Спасовски се повикува на пропустите откриени во август. Тогаш, меѓу другото, било констатирано дека станицата не ги води потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, но и дека во контролата учествуваат нестручни лица, со што се доведува во прашање безбедноста во сообраќајот.
Зошто забраната за работа на станицата е издадена веднаш по несреќата во Бугарија, а не три и пол месеци претходно кога бил изготвен таков предлог од надлежните служби? И покрај неколкуте наши обиди да добиеме објаснување од МВР, до денеска овој владин ресор не одговори на ниту едно прашање на „360 степени“ поврзано со темата.
Временската разлика меѓу контролата и решението за забраната за работа ја спорела и компанијата „Виа комерц“. Тој факт може да се види во пресудата на Управниот суд по тужбата на станицата за технички преглед за решението на МВР.
„…Доколку органот смета дека тужителот треба да постапи по записникот, истиот е изготвен два месеца пред да биде изготвено оспореното решение. Во меѓувреме, доколку со решението се бара да се постапи по истиот записник, од петитумот не се знае по која контрола треба да постапи, бидејќи тужениот орган не извршил контрола дали тие недостатоци биле отстранети, туку по протек на 60 дена од таа контрола изготвил решение со кое го задолжил тужителот во рок од 30 дена да отстранува некои недостатоци. (н.з. Полномошникот на тужителот) … смета дека постои голема временска разлика за да се постапи по тој записник,“
пишува во одлуката на Управниот суд.
Во тужбата, „Виа комерц“ се жалеле дека не се точни наодите на МВР дека технички преглед вршеле нестручни лица, меѓу кои феријален практикант и управителот на фирмата и дека немаат регистар на возила. Се бранат дека при надзорот, вработено лице само не можело во моментот да ги најде записниците од возилата и дека лицата без овластувања затекнати при надзорот не вршеле технички преглед, туку само набљудувале.
Тужбените наводи Управниот суд ги оценил како неосновани и досудил во полза на МВР.

„…Ваквите назаконитости биле констатирани на лице место во текот на контролата, а овластеното правно лице за вршење технички преглед на возила е должно трајно да ги исполнува условите пропишани со законски одредби и соодветни подзаконски акти…“
пишува, меѓу другото, во одлуката на Управниот суд.
Со решението за привремена забрана за работа од 26 ноември, на „Виа комерц“ и беше даден рок од 30 дена да ги отстрани констатираните пропусти, или во спротивно, да и биде одземено овластувањето за вршење технички преглед. Но, рокот веќе истече, а станицата се уште не работи.
До каде е евентуалното отстранување на пропустите и дали е можно МВР да и го одземе овластувањето за технички преглед на „Виа комерц“, прашавме и во министерството и во компанијата, но не добивме одговор.
Сопственикот на станицата за технички преглед, Џемаљ Нуиши, не сакаше да одговори на нашите прашања и се повика на изјавата дадена за вестите на ТВ Алсат, во која вели дека работат на отстранување на недостатоците.
вели Нуиши во изјавата за ТВ Алсат.
„Решението за привремена забрана за вршење на технички преглед нема никаква врска со автобусот на ‘Беса Транс’. Решението ние го почитуваме и моментално не работиме“,
Откако на крајот на декември објавивме дека решението за привремена забрана за работа на „Виа комерц“ чекало на потпис три и пол месеци, прва реагираше Антикорупциската комисија. Го повикаа Обвинителството да ја прошири предистрагата за работата на „Беса-транс“, чиј автобус изгоре во Бугарија и постапувањето на надлежните органи.

Од Обвинителството тврдат дека ги испитуваат и околностите во кои била затворена станицата за технички преглед во која поминал автобусот.
„Во рамките на постапката на ОЈО Скопје поврзана со работата на правниот субјект ‘Беса транс’ и постапувањето на другите надлежни органи, се испитуваат сите околности, вклучувајќи ги и тие што ги наведувате. Притоа, интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите. Но, со цел да не и се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали,“
велат од ОЈО Скопје.
За молкот од МВР, еден од ретките ресори за кој Димитар Ковачевски не предложи ново решение туку доверба му даде на актуелниот министер Спасовски, го прашавме за став и довчерашниот вицепремиер за борба против корупција. Љупчо Николовски беше прв промотор на етичкиот кодекс за владини функционери кој ги обврзува министрите на отчетност, транспарентност и почитување на законите.

Прашањата ги поставивме минатата недела, но не добивме одговор со образложение дека од денеска има нов вицепремиер за борба против корупцијата.
Став побаравме и од Ковачевски за тоа дали го имал во предвид случајот кога го предложил Спасовски да остане на чело на МВР. Но, како и МВР, и од СДСМ одбраа да молчат.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.