Засилено полициско обезбедување има во центарот на Скопје на почетокот на протестите за случајот „Монструм“.
Кордонот од полицајци во моментот е на улицата „Крсте Мисирков“, која води од Чаир кон крстосницата кај „Мавровка“, што ќе биде и рута на демонстрантите.
Освен кордонот од полицајци, на улицата има и оклопни возила.
Протестите ги најавија роднините на првостепено осудените кои се жалат дека тие се невини и осудени без докази.
Демонстрантите маршираат со мото „Правда и слобода“.
Протестот започна од паркот во Чаир, а ќе продолжи кон Основниот кривичен суд, од каде што демонстрантите ќе маршираат кон Собранието, а ќе заврши пред Владата.
Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече во вторникот (23 февруари) на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.