Одговорноста е и кај ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои не знаат каде тераат откако ја презедоа власта, вели пратеникот Миле Талески
Состојбата со пожарите низ државата е алармантна и излезена од контрола, обвини патеникот Миле Талески од опозицискиот СДСМ и додаде дека Владата и надлежните институции целосно потфрлиле и задоцниле во реакцијата со што дозволиле да изгорат околу 1 500 хектари зеленило ширум државата, а само во неготинско преку илјада хектари на планината Серта.
Талески рече дека јавноста треба да ги знае фактите што нема да ги слушне ниту од институциите, ниту од, како што вели, Христијан Мицкоски и неговите мегафони.
„Пожарот во Неготинско е започнат на 9 јули во 11 часот. До 13 јули на полноќ, односно цели четири и пол дена откако СДСМ реагираше заедно со граѓаните дека состојбата е алармантна, не беше прогласена вонредна или кризна состојба. Со тоа директно се оневозможува барање помош од странство. Цели четири дена, до 13 јули до полноќ, Владата ја игнорираше кризата која сега прераснува во еколошка катастрофа“,
рече Талески.

Тој посочи дека од 9 до 13 јули месното население, со многу слаба организација и поддршка, се бори со огнот за да се спасат селата Пепелиште и Восјанци.
„За цел тој период, односно 9, 10 и 11 јули градоначалникот на Неготино, Горан Стојков се сонча во Грција на одмор. На ум не му паѓа да се врати во Неготино. Тој не е присутен ниту на вонредната седница на советот на 10 јули, ниту за време на формирањето кризен штаб. Неверојатна неодговорност на ВМРО-ДПМНЕ“,
обвини Талески.
Според Талески, за првпат на 14 јули започнува реална организација околу гаснење на пожарите или точно пет дена откако е почнат пожарот. Во тој момент, според информациите што ги добил од локалното население, веќе се изгорени илјада хектари.
„Одговорноста за катастрофата е кај институциите во доцната реакција и слабата организација и кај ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои не знаат каде тераат откако ја презедоа власта. Додека граѓаните апелираа по социјалните мрежи, а СДСМ јавно бараше брза реакција, Мицкоски реши дека е подобро да оди во Охрид да фрла лопати, отколку да се грижи за безбедноста на граѓаните. Доколку кризниот штаб му беше приоритет на Мицкоски, а не лажните промоции на проекти, можеше да се спаси поголем дел од она што сега е уништено“,
смета тој.
Тој ја обвини и претседателката Гордана Сиљановска Дафкова за која рече дека исчезнала и се занимава со протоколарни средби.