Автобус на компанијата „Шеро турс“ од Косово, во кој се превезувале 32 патници, се судрил со камион кај бугарскиот град Ќустендил, кој превезувал дрва, при што е повреден еден од двајцата шофери на автобусот, објави бугарскиот портал „Струма“.
Иако некои бугарски медиуми објавија дека во несреќата биле повредени 29 патници од Косово, меѓу кои и шест деца, сепак, според изјавата на вториот шофер на автобусот во сообраќајната несреќа нема повредени.
Како што објави struma.bg, околу 4:30 часот автобус со патници од Косово удрил во запрен камион кој превезувал дрва. Возачот на камионот се обидувал да им сигнализира на другите учесници во сообраќајот дека на коловозот паднало дрво. Сепак, косовскиот автобус удрил во камионот и тој бил исфрлен од патот.