Дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на денешниот протестен марш и сообраќајната блокада поради покачување на цената на струјата, влегоа во зградата каде се наоѓа Регулаторната комисија за енергетика, но набрзо излегоа со образложение дека никој не ги примил.
Меѓу оние кои бараа средба со регулаторите не беше лидерот Христијан Мицкоски, туку потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Александар Николовски и генералниот секретар Игор Јанушев.
Како што изјави Мисајловски, во институцијата наишле на затворена врата.
„Нивниот претседател кој е недемократски претседател не ни отвори врата денеска да доставиме само едно барање. Тоа е ова барање каде што ние ги доставуваме главните причини, она што граѓаните го бараат, а тоа е да се врати цената на струјата и се разбира овие партиски членови да си заминат и да дојдат квалитетни луѓе кои навистина ќе се грижат за сите граѓани“,
изјави Мисајловски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде на улица и ги повика сите да им се придружат.
„Оваа битка не е само наша битка, ова е битка на секој еден граѓанин. Мора да го чујат нашиот глас бидејќи само така сите сме посилни. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да престане, туку ќе се здружува, заедно ќе се сплотува со многу невладини организации, граѓански асоцијации, здруженија и сите оние граѓани што сакаат да победи правдата. Затоа ние денеска тука ги блокиравме овие раскрсници, токму тука пред Регулаторната комисија“,
додаде Мисајловски.
Тој им се извини на граѓаните за сообраќајниот метеж што се создаде поради блокадата во центарот на Скопје, но рече дека тоа го направиле зашто само зашто вака можела власта да ги чуе.
„Знам дека можеби направивме гужва во сообраќајот но тоа го правиме за сите граѓани, го правиме за да победиме сите заеднички бидејќи оваа мафијашка власт единствено може да слушне нешто само ако сме гласни. Затоа уште еднаш благодарност до сите што дојдоа. Ние ќе продолжиме со сите демократски алатки, со сите оние работи што ни се на располагање да го чујат нашиот глас“,
изјави потпретседателот на партијата.
Додека Мисајловски даваше изјава за новнарите, Мицкоски стоеше настрана.
Поврзана вест:
(ВИДЕО) Мицкоски на чело на протестот, го следат возила, меѓу кои голем број се луксузни