Малолетникот е приведен во полициска станица и по документирање на случајот СВР Куманово ќе поднесе кривична пријава
Полицијата приведе 17-годишен малолетник за инцидентот во Куманово кога беше откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Србија. Од МВР велат дека постапувале по пријавата добиена вчера, а против момчето ќе биде поднесена кривична пријава.
„Веднаш по добиената пријава, во координација со ОЈО Куманово, полициски службеници од СВР Куманово презедоа мерки и активности и го расчистија кривичното дело. Малолетникот е приведен во полициска станица и по документирање на случајот СВР Куманово ќе поднесе кривична пријава по член 319 од КЗ до ОЈО Куманово“,
се наведува во соопштението од МВР.
На видеото што го објави МВР се гледа момче нагрнато со албанското знаме кое насилно ја вади таблата од српскиот конзулат во Куманово.
За случајот вчера информираа од Амбасадата на Србија во Скопје, од каде што, како што велат, изразуваат длабока загриженост во врска со сквернавење на симболите на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово.
„Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Република Северна Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат сè за да се реши овој случај на адекватен начин“,
порачаа од Амбасадата.
