Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го нарече брука одложувањето на испораката на вакцините кои државата треба да ги купи од Србија.
Тој тврди дека не им недостасуваат документи, како што соопштија од Владата, туку памет и стратегија и смета дека за ова треба да има оставки.
„Тоа е срам кој на дневна основа ни го приредуваат луѓе од Владата, и тој срам го приредуваат на цела држава, на цел народ. И тука нема политички неопределени, определени, верски, вакви и такви или и национално, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и останати. Ова е брука и голем срам кој ни се случува на сите. Не само што сме последни туку почнаа веќе и мајтап со нас да си играат сите. Наместо да седнат и да ги потпишат нивните оставки, тие уште ги гледам се обидуваат да наоѓаат оправдувања преку некои ступидни соопштенија кои ги лиферуваат во јавноста и велат недостасувале документи, им недостасува памет. Тоа е она што можам да го кажам, ако имаа малку повеќе памет и стратегија и визија тогаш немаше денес ние да бидеме последни да се срамиме со нивните постапки“,
изјави Мицкоски.
Иако беше најавено за денеска попладне, пристигнувањето на вакцините што земјава ги купува од Србија е одложено за некој од наредните денови.
Од Владата вчера пред полноќ соопштија дека поради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините нивната испорака се одложува за следните денови.
Со слична аргументацијата излегоа и од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој, како што беше најавено, требаше на „Табановце“ да се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев за време на примопредавањето на вакцините против коронавирус.
