Македонија се соочува со сериозни предизвици по здравјето на граѓаните и економијата, а според потенцијалот на развој на оваа криза, следуваат најголемите предизвици за нас како општество и како држава од осамостојувањето до денес. Имаме сериозна ситуација, со огромен потенцијал за криза со несогледливи размери.
Ова денеска го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, укажувајќи дека коронавирусот може да донесе големи штети.
„Имаме пандемија каде што во прашање се човечки животи. Од за мене неразбирливи причини, а веројатно од политичка кусогледост, Владата одбива прогласување кризна состојба на целата територија на државата. Регионите Дебар и Жупа се под карантин. Исто како и дел од струшкиот крај. Но советите и очекувањата на докторите со кои сум во комуникација се дека коронавирусот ќе продолжи да се шири и својот зенит би го достигнал за приближно еден месец“,
рече Мицкоски.
Според него, дел од нивните предложени мерки Владата ги прифатила, а за тоа Мицкоски дава целосна поддршка.
„Дел мерките, кои се многу важни, како прогласување кризна состојба, бесплатно делење маски, поддршка на бизнисот и други, сè уште не се реализирани, но се неопходни“,
додава тој.
Сега не е време за политички поени, вели Мицкоски. Тој ѝ понуди помош на Владата за подобро справување со предизвикот од ширењето на коронавирусот.
„Ги повикувам да ја прифатат помошта и да ја спроведат, за што ја имаат нашата поддршка. Но, кога се во прашање мерките, тие се нужност и во економијата. Од нашите стручни тимови добивам загрижувачки извештаи и прогнози за економијата. Отсуството на брзи мерки од Владата значи дека стопанството губи милиони евра, и тоа дневна основа. Март ќе биде црн месец за бизнисот. За илјадниците фирми погодени од негативните трендови од кризата“,
вели Мицкоски.
Тој повтори дека побарал свикување лидерска средба кај претседателот на државата со цел одложување на изборите закажани на 12 април.
„Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и кон државата. Нема ниту една разумна и ниту една човечка, рационална и прагматична причина изборите да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо. Воедно, сакам да ја информирам јавноста дека веќе остварив разговор со претседателот Пендаровски и лично го информирав за овој предлог, кој се согласи да свика лидерска средба во најкус можен рок. Треба да ги следиме препораките на стручните лица и анализите за справување со вирусот“,
додава Мицкоски.