Германската канцеларка Ангела Меркел денеска им се заблагодари на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов за успешната конференција во рамки на Берлинскиот процес, која се одржа во Софија и со која копретседаваа Северна Македонија и Бугарија.

Ова е доказ дека може да се организира конференција од две држави, од кои едната е членка, а другата сака да стане членка на ЕУ, рече Меркел, која се вклучи на конференцијата онлајн.
„Многу добро е што ни покажавте дека може да одржите конференција во овие тешки услови, можам да го поздравам напредокот што го постигнавте за формирањето заеднички пазар, како порака за нашите економии и воведување на четирите слободи и со тоа ќе се даде еден импулс во регионот. Ви честитам и за согласноста за зелената агенда. Ние сме заинтересирани да изградиме економија која е способна да овозможи за премин кон економија без јаглероден диоксид. Сите ние, настрана од ковид-19, ги сметаме климатските промени како крупно прашање и крупен предизвик, кои ќе бидат важни за земјите од Западен Балкан“,
рече Меркел.
Во еден дел од своето обраќање, таа спомена дека Берлинскиот процес е поврзан и со помирување на недоразбирањата и наследството од минатото и им порача:
„Не заборавајте, мора да се согласувате, тоа е многу важно“.

На крајот таа ги покани следното лето во Берлин каде што, како што рече, ќе се унапреди процесот.
Заеднички пазар и Зелена агенда
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека за прв пат воведената пракса за заедничко водење на проектите од оваа иницијатива од земја – членка и земја – кандидат за членство од Западен Балкан, е силен доказ за тоа дека Берлинскиот процес суштински ги забрзува и зајакнува евроинтегративните аспирации на земјите од регионот.

„Дискутиравме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Акцискиот план за заеднички регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. Поддршката за двете иницијативи ќе го поттикне економскиот раст и развојот во регионот, но исто така и ќе опфати и некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици, нудејќи огромен потенцијал за раст, за нови работни места и за стратешки пристап кон заштитата на животната средина“,
истакна премиерот Заев на прес-конференцијата.
Премиерот Заев нагласи дека ЕУ храбро ја потврди поддршката за Западен Балкан со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, со што ќе се обезбеди голема финансиска поддршка за реформските процеси и за економска трансформација на регионот.
Лидерите на земјите од Западен Балкан, на денешниот Самит во Софија во рамките на Берлинскиот процес потпишаа две декларации – за заедничкиот регионален пазар за подлабока регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ, и за зелената агенда.
„Визијата на Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда го покажуваат вистинскиот правец“,
додаде Заев, појаснувајќи дека низ овој процес се остваруваат и други инцијативи како што се регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и соработката во областа на здравството за регионален одговор на пандемијата.

Борисов оцени дека преку заедничкото претседавање со денешниот самит се изразува силна посветеност за развојот на регионот, која со исто толку внимание беше поддржана и од лидерите на земјите членки на ЕУ и од европските институции кои активно учествуваа и на денешниот Самит.