Премиерот нагласи дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ ја има неговата и поддршката од неговите сопартијци од СДСМ пред претстојните претседателски избори и додаде: „Што би рекле моите драги црногорски пријатели – Мило, него ко! (Мило, а кој друг!)“
Во пресрет на претседателските избори во Црна Гора кои ќе се одржат в недела, на 19 март, премиерот Димитар Ковачевски преку видеопорака упати поддршка до актуелниот црногорски претседател и лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ, кој е кандидат и на овие избори.

Ковачевски во видеопораката му посакува победа на Ѓукановиќ на изборите в недела и додава дека граѓаните во Црна Гора знаат да ја препознаат, но и да ја поддржат европската иднина на својата земја.
„Како социјалисти и социјалдемократи работиме и се бориме за подобар живот на нашите граѓани, со јасна визија за напредок и европски пат. Не треба да потенцирам колку се важни овие избори за иднината на Црна Гора. Верувам дека сите го разбираме тоа. Ова е важна одлука за граѓаните на Црна Гора вистински да продолжат по патот на иднината, по патот на европските вредности, економскиот и демократскиот развој“,
вели Ковачевски во пораката до црногорскиот претседател Ѓукановиќ.
Премиерот нагласи дека Ѓукановиќ ја има неговата и поддршката од неговите сопартијци од СДСМ пред претстојните претседателски избори и додаде:
„Што би рекле моите драги црногорски пријатели – Мило, него ко! (Мило, а кој друг!)“,
додава Ковачевски.