„Ве уверувам, а и тоа го потврдија на повеќе наврати и високите претставници на Европската Унија и тука дома кај нас, но и вчера во Брисел, дека нашите позиции се зачувани и потврдени. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. Бевме јасни и гласни дека за овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара“, изјави премиерот Ковачевски
„Отворивме ново поглавје во македонската историја. Европско поглавје кое ќе донесе забрзан развој, просперитет и стабилност“, изјави премиерот Димитар Ковачевски вечерва на приемот што го организираше по повод отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија.
На средбата, на која беше присутен државно-владиниот врв, пратениците, амбасадори на земји членки на ЕУ, претставници на граѓанското општество, на медиумите и стопанственици, премиерот им се заблагодари на граѓаните за, како што рече, нивната истрајност и визија за европска иднина. Им се обрати на присутните велејќи дека сите дале несебичен влог во овој процес.
„Овој пат не беше лесен и за тоа сите сме свесни и затоа искрено Ви се заблагодарувам на сите вам, за несебичниот ангажман, заложба и поддршка и Ве охрабрувам да останете исто така ангажирани и во наредниот период. Вашата поддршка ќе е од непроценливо значење и понатаму, особено што сега треба да ги вклучиме сите расположливи капацитети и да работиме исклучително посветено за да можеме да ја имаме најбрзата можна интеграција во Европската Унија. Имавме многу предизвици, но како што кажав и вчера, ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината и да не останеме заложници на минатото. Решивме да бидеме одлучни, храбри, мудри и несебични, да не мислиме на нас, туку на идните поколенија, да мислиме на нашата држава и на мирот, безбедноста, стабилноста и иднината.“,
рече тој.
Ковачевски рече дека за него највисока форма на патриотизмот е носењето државнички и прогресивни одлуки, со јасна визија и план за иднината.
„Водени од тој принцип на патриотско и државничко однесување, ја донесовме и конечната одлуката со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност, а воедно обезбедивме и почеток на преговорите. Ве уверувам, а и тоа го потврдија на повеќе наврати и високите претставници на Европската Унија и тука дома кај нас, но и вчера во Брисел, дека нашите позиции се зачувани и потврдени. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. Бевме јасни и гласни дека за овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара“,
потенцираше Ковачевски.
Премиерот посочи дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јасно и недвосмислено ја поддржала македонската позиција и изразила уверување дека македонскиот јазик ќе биде вреднуван и почитуван и понатаму.
„Нашиот идентитет, не само што ќе биде заштитен, истиот и ќе се збогати и ќе го збогати комплексниот европски идентитет, како и што во својот говор вчера истакна и високиот преставник Борел. Она што нѐ дефинира нас, нашите особености, специфики, традиција, култура, обичаи ќе бидат автентично наши, македонски, но споделени со сите наши пријатели во Европската Унија. Тоа е она што и нас и Европската Унија ќе нѐ направи побогати“,
рече тој.
Ковачевски вели дека земјава добива поддршка како од земјите-членки на ЕУ, така и од останатите земјите од регионот за европските интеграции.
„Кажав и вчера, ќе кажам и денес – ние сме подготвени за ЕУ. Нашата земја е Европа во мало. Ние го живееме мотото на Европската Унија секојдневно. Ние сме мултикултурно и мултиетничко општество, обединети сме во нашите различности, се гордееме со нив, тоа е она што нѐ прави посилни. Сега останува да ја операционализираме таа подготвеност и забрзано да зачекориме напред“,
смета тој.
Ковачевски повика на споделување на европските вредности за, како што рече, „да се радуваме и на полноправното членство на Република Северна Македонија во Европската Унија што поскоро“.