„Експресно дознале дека е загадена селската чешма, иако претходно како министер за здравство премолче 400 извештаи за загадена вода и не мрдна со прст“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека соопштението на опозицискиот СДСМ дека водата од јавната чешма во Кривогаштани е загадена со бактерии е само нова тема за ширење хистерија.
Од партијата уште еднаш обвинија дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, додека бил министер за здравство премолчил 400 извештаи за загадена вода и не мрднал со прст.
„Денес од одмор на јахтата на Заев во Грција, Венко Филипче смисли нова тема за ширење на хистерија, овој пат за селската чешма со кисела вода во Кривогаштани. Пуштија СДС со сериозно предупредување бидејќи самопрогласениот ‘микробиолог’ Венко констатирал со Заев, меѓу две капења, дека селската чешма во Кривогаштани е загадена. Експресно дознале дека е загадена селската чешма, иако претходно како министер за здравство премолче 400 извештаи за загадена вода и не мрдна со прст. Посочи дека и за ова е криво ВМРО-ДПМНЕ, зошто сигурни сме дека ако беше на власт СДС, од селската чешма во Кривогаштани ќе течеше млеко“,
соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
За ВМРО-ДПМНЕ е симптоматична и дискутабилна, како што велат, улогата на СДСМ во ширењето дезинформации и паники и нивното занимавање со хибридни напади.
„Лани ова време редовно беа запалени депониите Вардариште и Дрисла. Оваа година нема пожари, затоа што нема локални избори. Пироманите од СДС се фатија со друга задача. Оваа година талогот од СДС се зафати со ширење на нова хистерија – загадена вода на селска чешма во Кривогаштани, откако претходно ширеа хистерија за водата во Скопје и Гостивар. Додека Филипче се занимава со селската чешма во Кривогаштани, Македонија мора да оди напред и покрај незрелоста на СДС и Венко Филипче“,
велат од партијата.
Претходно денеска, од СДСМ објавија дека водата од јавната чешма со кисела вода во Кривогаштани е загадена со бактерии. Велат дека по случаите со загадената вода во Гостивар и во Демир Капија, може да се констатира дека во Македонија има системски колапс.
