Лидерот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски, ова го изјави во обраќањето од вечерашното отворање на промотивната канцеларија на Изборната единица 1 во скопски Центар. Оцени дека ова ќе биде година на европска Македонија, а дека СДСМ ќе победи на претстојните парламентарни избори на 8 мај
На изборите на 8 мај пред граѓаните се два концепта – првиот нуди поголеми плати, пензии, инвестиции и повеќе пари за граѓаните со СДСМ и европскиот фронт, а вториот нуди помали плати, работници како евтина работна сила и фрлање пари за споменици, жални врби и криминални проекти со ВМРО-ДПМНЕ.
Ова го изјави претседателот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски, на вечерашното отворање на промотивната канцеларија на Изборната единица 1 во скопски Центар.
„Подготвени сме за нова победа! Точно 99 дена до победа на изборите на СДСМ и проевропската коалиција“,
рече Ковачевски.
Лидерот на СДСМ изрази убеденост дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука за својот животен стандард, но и за иднината на државата на претстојните избори. Изборот, вели Ковачевски, е извесна европска иднина, безбедност, стабилност и демократија со СДСМ и европскиот фронт или уназадување и враќање назад во, како што вели, црното минато со загрозена слобода на говор и задушена демократија со ВМРО-ДПМНЕ.
„Во ДПМНЕ гледаме дека нема никаква промена. Нема програма, нема политичка понуда, нема идеја, став, не знаат за што се залагаат, за нешто се против. Тоа отсуство на став и на политика го видовме и последните неколку години. За ниту едно важно државно, национално прашање, ДПМНЕ немаше став. Само нешто кочеа и блокираа. А тоа го гледаме и деновиве. Прво ја проблематизираа техничката влада, па велеа дека нема да учествуваат. Потоа решија дека ќе учестувуваат, предложија министри ама нив не ги гласаа нивните пратеници во Собранието. Па, не го признаваа техничкиот премиер за на истиот тој технички премиер му достават предлог за министри и дополнителни заменик-министри. Сега седат во техничката влада, а се прават дека не се дел од неа. Значи, тие се дел од владата, ама немало да одат на владата“,
рече Ковачевски.
Ковачевски оцени дека СДСМ има подобар резултат од ВМРО-ДПМНЕ во секое поле, особено, како што вели, во полето на економијата – растот на просечната, минималната плата и пензиите. Како успешни, Ковачевски ги оцени и пакетите антикризни мерки, со кои, како што вели, кај граѓаните се вратени над 2,6 милијарди евра за три години.
Членството на земјава во Европската Унија, пак, како што вели, ќе значи економски просперитет, повеќе инвестиции, подобро платени работни места, повисоки плати и подобар животен стандард.
„Членството во ЕУ значи владеење на правото и далеку поефикасна борба со корупцијата, поефикасни државни институции. Ние за тоа се бориме. Токму затоа, нашиот стремеж е да ги достигнеме стандардите на земјите членки на ЕУ и другите земји од западниот свет, за да ги задржиме нашите млади луѓе дома, во Македонија“,
рече Ковачевски.
Во вечерашното обраќње на отворањето на промотивната канцеларија на Изборната единица 1, Ковачевски оцени дека ова ќе биде година на европска Македонија.
„СДСМ ќе го има победничкиот кандидат за претседател. На 8. мај, на слободни, фер и демократски избори ќе победи европскиот блок предводен од СДСМ. А на 9. мај, Денот на Европа, ќе ја формираме новата проевропска влада којашто ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година“,
порача Ковачевски.