Ковачевски потенцира дека е договорено, доколку се случи какво било ограничување на извозот од Грција на енергенти, тоа ограничување да не биде воведено за Република Северна Македонија
Со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис, денеска имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и за кои постигнавме договор, а кои се однесуваат на справувањето со енергетската криза, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција по средбата со грчкиот премиер во Атина.
„По средбите кои ги имавме со претседателот и премиерот на Србија и премиерот на Албанија, во рамки на Самитот Отворен Балкан во Белград и по средбата што ја имавме со претседателот и премиерот на Бугарија, денеска имавме исклучително корисна и позитивна средба со премиерот на Грција г. Мицотакис и со неговиот тим од економските ресори. Темата на разговорите е справувањето со енергетската криза бидејќи интензитетот на кризата и последиците од војната во Украина претпоставуваат регионално здружување и регионална соработка со цел најдобро да се помине претстојната зима, која ќе биде исклучително тешка што веќе и сите го потврдуваат и лидери во регионот и во Европа“,
рече Ковачевски во изјавата за новинарите кои ја следеа неговата посета.
Тој рече дека имале неколку конкретни теми на кои разговарале и за кои постигнале договор.
„Прво, снабдувањето со лигнит и јаглен, кој доаѓа од рудниците во Грција, ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК ‘Битола’ и во РЕК ‘Осломеј’. Втората тема на која постигнавме договор е непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ ‘Неготино“’, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет“,
рече Ковачевски.
Ковачевски потенцира дека е договорено, доколку се случи какво било ограничување на извозот од Грција на енергенти, тоа ограничување да не биде воведено за Република Северна Македонија.

Тема на разговор биле и големите проекти кои се однесуваат на енергетската трансформација.
„Прво, во однос на изградбата на гасоводот преку Грција, интерконекторот Евзони до Северна Македонија, односно до Неготино, веќе е отпочната процедура за маркет-тест којашто треба да ја покаже економската исплатливост на оваа инвестиција и со оглед на тоа дека веќе има понуди за закупување на капацитети на овој гасовод, доколку се тече според планот, би требало изградбата да почне до крајот на годината. Втората најавена инвестиција од страна на грчки инвеститори е големата гасна централа со капацитет до 200 МВ која што тие изразија желба да ја градат во Северна Македонија. Веќе се отпочнати анализи и штом ќе бидат завршени ќе може оваа голема инвестиција да биде претставена на Влада и во Собранието како стратешка инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија за Република Северна Македонија, меѓутоа и за регионот“,
објави Ковачевски.
На маса во Атина бил и проектот „Чебрен“ за кој, како што рече Ковачевски, веќе е отпочната процедура и после голем број на неуспешни обиди, да има понуда и инвеститор кој е заинтересиран за изградба.
„Конечно овој пат имаме понуда која е од ‘ППС’, грчка компанија. Таа ќе помине низ нормално филтрите на евалуација од страна на комисија која што тоа го работи во рамки на нашите институции. И доколку евалуацијата покаже соодветност на понудата со очекувањата тогаш, исто така, до крајот на годината може да очекуваме потпишување и на договор за изградбата на овој би рекол најголем енергетски капацитет во регионални рамки кои би се градел“,
рече Ковачевски.
Во однос на другите теми, Ковачевски рече дека го истакнале задоволството од големата трговска размена и од подобрените односи во изминатите години.