Властите стравуваат дека бројките би можеле да се зголемат уште повеќе додека продолжуваат спасувачките операции

Најмалку 164 лица загинаа, а 971 се повредени во Венецуела откако земјата беше погодена од два силни земјотреси, изјави вршителката на должноста претседател, Делси Родригез.
Најновите бројки означуваат нагло зголемување од претходно објавениот број од 32 загинати и 700 повредени. Властите стравуваат дека бројките би можеле да се зголемат уште повеќе додека продолжуваат спасувачките операции.
Земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени беа меѓу најсилните што ја погодија Венецуела за повеќе од еден век.
Родригез рече дека властите ги преместуваат спасувачките екипи од други делови на земјата во најтешко погодената област Ла Гваира, која се наоѓа северно од главниот град Каракас.
„Десетици згради се урнаа таму и во моментов спроведуваме интензивни спасувачки операции за да спасиме животи“,
рече таа.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања објави дека повеќе од 100 згради се урнале во Ла Гваира и додаваат дека погодената област треба да биде приоритет за меѓународните спасувачки тимови.
„Јасно е дека штетата е голема. Државата Ла Гваира каде се наоѓа главниот аеродром е прогласена за зона на катастрофа. Раните извештаи покажуваат дека бројот на загинати може да биде поголем и можни се дополнителни последователни потреси“,
додаваат од Канцеларијата.
Родригез најави создавање фонд за справување со штетите од катастрофата, чиј почетен износ ќе биде 200 милиони долари. За него ќе се користат ресурси од Меѓународниот монетарен фонд.
Повеќе светски лидери изразија сочувство до властите и граѓаните на Венецуела и понудија помош во спасувачките напори по двата разорни земјотреси што ја погодија јужноамериканската земја.
