Испитните центри за полагање за возачка дозвола се легален монопол. Постапката е следна: МВР распишува јавен конкурс, се пријавуваат фирма или фирми, а Министерството избира една како најдобар понудувач од оние што ги исполниле условите. Избраниот се стекнува со право во период на десет години да биде единствен што ќе спроведува испити на подрачјето на одреден сектор за внатрешни работи, а такви се осум во државава
Лани беа потребни два конкурса за СВР Битола, за лиценцата да отиде кај фирма регистрирана пред огласот. Годинава беа потребни два конкурса за СВР Велес, за лиценцата да замине кај компанија регистрирана пред вториот оглас. И оваа постапка, како и ланската за битолскиот испитен центар, ја следат контроверзии на што е посветена сторијата
По неколкумесечен застој, МВР конечно додели лиценца за испитен центар каде ќе се полага за возачки дозволи во Вардарскиот регион. Лиценцата за испитен центар за територија на СВР Велес ја доби фирмата „Сигурност“, основана пред два ипол месеци.
Според податоците од Централниот регистар, компанијата е регистрирана на 11 март годинава, а сопственик и управител е извесен Марјанче Панов од Велес. Во истиот град е и седиштето, на крајот од плац со објекти за сервисни услуги за возила.
Објектот е означен како испитен центар, има врата, скали, пристапна рампа и обележан паркинг за потребите на Центарот. Сите овие елементи се важни при бодувањето и изборот на најдобриот понудувач. Немаше луѓе. Ниту сопственикот. Прво рече дека ќе дојде на средба со нас, но подоцна ја откажа од лични причини.

За да се добие лиценца за испитен центар на територијата на СВР Велес, меѓу другото, потребно е да се има подружници и во Кавадарци и и во Неготино. Во Кавадарци, подружницата е сместена во овој објект, на самата линија на тротоарот, а паркингот е од спротива на улицата, во двор од куќа. Објектот има врата на едниот и на другиот крај, но пристапна е само една – таа од десно на снимката.

На видеоснимки до кои дојде „360 степени“, пак, се гледа како на 3 мај, инаку недела, во присуство на комисија oд МВР, се монтира пристапна рампа за влез во објектот од вратата од крајната лева страна. На таа врата, сега нема ниту скали, ниту рампа, а на другата, скалите се практично на тротоар.

Влезовите на објектот се предмет на интерес и на општинската инспекција.
„Врз основа на чл. 50, став (156) чл. 52, став (567911) од Законот за инспекциски надзор, против правното лице ‘ИЦ Сигурност’ е покрената инспекциска постапка за сторен прекршок по Закон за јавна чистота, врз основа на што е изготвен Записник од увид на лице место и издадено е Решение за отстранување на констатираните неправилности. По истекот на предвидениот законски рок за постапување, се исполнија условите за поведување на предлог за прекршочна постапка и истата е поведена до надлежениот суд во Кавадарци“,
велат од Општина Кавадарци.
Фирмата, всушност, била опомената да отстрани пристапна рампа поради узурпација на тротоарот. Откако не постапила во утврдениот рок, поведен е прекршочен спор.
Сопственикот и управител на фирмата „ИЦ Сигурност“, Марјанче Панов, вели дека не знае за што точно му забележува Општината.
„Во записникот е наведено дека друштвото на улица ‘Пионерска’ поставувало ‘подвижни и неподвижни предмети на јавна површина’, без поблиско прецизирање за какви предмети станува збор, колку се на број, ниту дали се подвижни или неподвижни. Сите овие прашања ги расчистуваме по редовен пат, преку достапните правни механизми и веруваме дека ќе бидат разјаснети докрај. Сакам да нагласам дека целата оваа ситуација е целосно одделена и нема никаква врска со условите од јавниот повик, ниту со исполнувањето на критериумите врз основа на кои ја добивме лиценцата за работа на испитниот центар“,
вели Панов.

На нашето прашање, зошто во присуство на комисијата од МВР монтирале пристапна рампа, Панов вели дека тоа било само за да се документира дека такво пристапно помагало имаат.
„При спроведувањето на увидот од страна на надлежната комисија, едно од барањата беше рампата да биде поставена на лице место за да се документира дека подружницата располага со неа и дека истата функционира согласно прописите. Тоа е стандардна постапка на документирање при увид бидејќи комисијата мора визуелно и фотографски да утврди дека опремата постои и е функционална“,
вели тој.
Сепак, според нашите информации, на овој настан му претходело монтирање на многу поголема и подолга рампа, која Општината ја отстранила и за која се води прекршочна постапка.

Панов тврди и дека паркингот отспротива го обезбедиле од лице кое е корисник на просторот и фактички владател. И тоа, потенцира тој, не е основен услов за добивање на лиценцата.
Дека и рампата не била базичен услов за добивање на лиценца, велат и од МВР. Но, дополнуваат оттаму, нејзиното постоење влијае на бодувањето на фирмите што конкурираат да добијат лиценца.
„Од страна на комисијата беше побарано мобилната рампа со која располага подружницата да биде поставена на лице место, со цел да се документира нејзиното постоење и функционалност. По завршувањето на увидот и соодветното документирање, рампата беше демонтирана, што е во согласност со самата нејзина намена“,
кажаа од МВР.
Оттаму не го коментираат фактот што општината води постапка токму за пристапот до објектот.
Првиот јавен повик за добивање лиценца за територијата на СВР Велес беше објавен на 12 јануари 2026 година. Истиот месец беше и поништен, според МВР, во момент кога немало пристигнати понуди. Причината, соопшти тогаш Министерството, е за да се спречи монопол во бизнисот.
На 6 март 2026 година, група пратеници од мнозинството доставија до Собранието предлог-измени на Законот за безбедност на патиштата во делот на Испитните центри.
На 11 март 2026 година се регистрира фирмата „ИЦ Сигурност“.
На 12 март 2026 година Собранието ги носи измените во Законот.

Непосредно потоа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во настап за „360 степени“, објасни дека поништувањето на огласот и измените на законот се направени со цел да се отстрани обврската – секој претендент за испитен центар да мора да има договор за обезбеден полигон во поголемите места. За потсетување, минатата година, огласот за испитен центар во Битола го доби фирма на функционер на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево, откако снаа на поранешен градоначалник на Ресен од СДСМ не го отстапи единствениот полигон во градот на неговиот конкурент.
„И поради тоа се промени законот, се предвидоа сите овие услови во насока на демонополизирање на условите коишто претходно законот ги имал, сè со цел да можеме да имаме поквалитетна услуга и сè со цел да можеме да имаме потранспарентна и поконкурентна постапка.
360°: А, како знаете што би се случило во Велес?
Е, па, претпоставувам дека слични монополски услови во рамки на одреден град со одредени полигони ги има и на територија на СВР Велес како што ги има и на територија на СВР Битола“,
рече министерот Панче Тошковски во изјава за „360 степени“ на 19 март годинава.


На поништен конкурс и тазе закон, на 8 април МВР го објави новиот Јавен конкурс за доделување лиценца за испитен ценат за возачки испити за СВР Велес.
На него се пријавиле три фирми: дотогашниот носител на лиценцата – испитен центар „Зелен сигнал – Оки“, „ИЦ Сигурност“ за која кажавме дека е основана на 11 март 2026 година и „Црвен сигнал вел“, регистрирана еден ден пред објавување на огласот, на 7 април.
„360°: Треба ли да се сомневаме дека првичниот повик бил поништен за да може ‘Сигурност’ од Велес да се формира во март, да конкурира и да ја добие лиценцата?
Битно е дека монополските услови ако не го сменевме законот ќе останеа и пак само тој и никој друг…360°: Што беа основите за поништување на повикот?
Тошковски: Токму тоа. Нефер, законски, но неправедни монополски услови дефинирани во законот…
360°: Ама кога веќе го имавте објавено, зошто не дозволивте да заврши?
Тошковски: Заради тоа што имаше гласини во јавноста дека овој за којшто од којшто плачело целото Повардарие во дел на незаконско постапување во дел на полагање на возачки испити… Прашајте ги велешани, неготинчани, кавадарчани…
360°: Ама јас ли треба на правникот Панче Тошковски да му кажам дека врз основа на гласини не може ништо да прави?
Тошковски: Не, не, не сега, дозволете ми сега. Токму вие бевте тие коишто го разоткривте штосот во насока на она коешто го правеле претходно, согласно монополски услови дефинирани во закон. Па вие го направивте тоа, не го направив јас. Јас до тогаш не ни знаев за тоа. Видете, Министерството за внатрешни работи е има едно море од надлежности и како што сум кажал на времето кај и да копаш е труло, кај и да копаш е трул, ние гледаме да исправаме проблем по проблем“
кажа Тошковски во друго гостување на „360 степени“, на 25 мај годинава.

Дисквалификуваната фирма „ЗЕЛЕН СИГНАЛ – ОКИ“, која досега ја имаше лиценцата и за која говори министерот, за резултатите од конкурсот дознала од медиумите.
„Ние што го водевме испитниот центар сме дисквалификувани поради неисполнување на услови, но не знаеме кој е тој услов што не го исполнуваме, а претходно 5 години сме исполнувале буквално се. Како одеднаш не исполнуваме не ни е јасно бидејќи изборот, рангирањето, оценувањето од комисијата се уште се држи во тајност, а повикот беше јавен. Очекувавме поголема транспаретност како што најави и самиот министер“,
велат оттаму.
Тие тврдат дека немаат монопол на полигоните ниту пак некој досега нашол забелешки на нивното работење.
„Не сме ние единствена фирма која ги има сите договори со полигоните. А, во однос на тоа на што мислел министерот кога кажал дека плачело цело Повардарие, не ни е јасно, но може со сигурност да кажеме дека се било чесно и одговорно професионално спроведено и дека секој кандидат кој покажал знаење и вештина да управува возило, немал проблем“,
додаваат од „ЗЕЛЕН СИГНАЛ – ОКИ“.

Третиот апликат кој конкурирал на повторениот оглас, фирмата „ЦРВЕН СИГНАЛ ВЕЛ“ од Велес, ги одмолчи нашите прашања за тоа дали се известени зошто се одбиени и дали имаат евентуални забелешки на постапката за избор.

На наше прашање, што било пресудно „ИЦ Сигурност“ да ги победи конкурентите, од МВР ни одговорија:
По спроведената постапка од страна на надлежната комисија, констатирано е дека едно од трите пријавени правни лица не ги исполнува во целост законски пропишаните услови, додека другите две правни лица ги исполнуваат сите услови. По извршеното оценување на поединечните критериуми, избраното правно лице ‘ИЦ Сигурност’ ДООЕЛ Велес оствари најголем број бодови, врз основа на што му беше доделена лиценцата за работа.

„Тошковски: Верувам во луѓето којшто се дел од Комисијата и верувам дека истите постапиле максимално совесно и професионално.
360°: Ако се појават информации дека не било така, може да се преиспита одлуката?
Тошковски: Апсолутно, секоја одлука која е донесена од МВР, а притоа имаме докази коишто ќе дадат една поинаква фактичка состојба, апсолутно да.“
уверуваше Тошковски во гостување на „360 степени“.
Од добитничката фирма, велат дека и основачите и вработените имаат 15 години искуство во сферата на обука на кандидати за возачи и функционирање на авто школи. Во наредните денови очекуваат официјално да започнат со работа. Како ќе се носат со новата улога, ќе продолжиме да следиме.
