Демократија многу зависи од карактеристиките на политичкиот систем и од историјата на тоа како тој систем еволуирал, вели амбасадорката на Швајцарија
Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Сибил Зутер Техада, вечерва во дебатата на „360 степени“ сподели искуство од нејзината земја која има уникатен политички систем од аспект на директно учество на граѓаните во носењето одлуки на сите нивоа.
Таа вели дека се зборува за демократија многу зависи од карактеристиките на политичкиот систем и од историјата на тоа како тој систем еволуирал.
„Политичкиот систем се когаш динамичен, а таков е и нашиот швајцарски систем. Тој еволуирал од почетно ниво па нагоре. Првото ниво се општините на кое се решава за политичките прашања, потоа оди погоре, на ниво на кантоните, па на крај е највисокото национално ниво. Оттука, сувереноста на Швајцарија е на локално ниво, таму граѓаните се најблиску до својата влада, па потоа се оди на национално ниво“,
вели Техада.
Таа како пример ја истакна праксата дека граѓаните во текот на една година гласаат пет до шест пати по однос на прашања околу носење закони на локално, кантонално и национално ниво. То значи, додава Техада, дека граѓаните на Швајцарија многу често одат на гласање за да го дадат своето мислење за разни политички прашања.
„Оттука, донесените одлуки се доста обврзувачки и сите разбираат зошто овој закон бил усвоен или не. Ова е позитивниот аспект, дека граѓаните ги споделуваат донесените одлуки на сите нивоа. Од друга страна, станува збор за процес што одзема време во смисла на тоа што сите граѓани што се произнесуваат за разни прашања треба да бидат информирани, треба да имаат мислење за тие прашања и понекогаш навистина е предизвик да се разбере зошто би бил против или за, за некој закон“,
додава Техада.
