Белорусија се соочува со граѓански протести поради претседателските избори кои денеска се одржаа во земјата. Според странските медиуми, дури со 80 отсто од гласовите победува актуелниот претседател на земјата, Александар Лукашенко, кого го нарекуваат „последниот диктатор во Европа“, бидејќи на власт е од 1994 година.
Протестите претставуваат негов најголем предизвик, бидејќи во земјата досега такви масовни граѓански собири не беа пракса. Дел од медиумите јавуваат дека тој ја напуштил земјата и покрај неговото водство на изборите, но оваа информација не е потврдена.
Лукашенко се бореше со гневот на граѓаните поради неговиот игнорантски однос кон пандемијата предизвикана од ковид-19, економијата и неговиот однос кон човековите права.
Излезните анкети одобрени од државата покажаа дека Лукашенко освоил 79,7 отсто од гласовите, додека неговиот главен противник Светлана Тихановскаја, поранешна наставничка по англиски јазик, доби 6,8 отсто.
Тихановскаја влезе во трката за претседател откако нејзиниот сопруг, антивладин блогер кој имаше намера да се кандидира, беше приведен и затворен.
На денешните избори не беа присутни набљудувачи од ОБСЕ-ОДИХР.